Во Париз денеска донаторска конференција за помош на Украина

Сподели со своите пријатели

Сојузниците на Киев ќе се состанат денеска во Париз за да ѝ пружат итна помош на Украина и да и помогнат на земјата да ги надмине суровите зимски услови, во услови кога цивилната инфраструктура е загрозена од воени дејствија ширум земјата, пренесува Ројтерс.

Loading...

Околу 70 земји, институции и околу 500 компании ќе разгледаат што може да се понуди во наредниот период до март, со цел да се обезбеди снабдување со вода, храна, енергија, како и функционирање на здравството и транспортот во Украина, наведува британската агенција.

Од октомври, Русија се обидува да ги компензира тешкотиите што ги има на фронтот со серија интензивни ракетни напади не врз воената инфраструктура, туку многу јасно врз цивилната инфраструктура на Украина, изјави француски дипломат пред новинарите пред состанокот.

Тој нагласи дека тоа ја става Украина во многу неповолна ситуација со оглед на тешките зимски услови и додаде дека непосреден приоритет е да се обезбеди „електричната мрежа да не се урне и водоводните цевки да не замрзнат“.

„Реалноста диктира дека нашата цел треба да биде да обезбедиме резервни делови за да овозможиме инфраструктурата уништена од Русите повторно да функционира“, рече тој.

Меѓународната конференција ќе се обиде да создаде онлајн механизам со кој Украина би можела да ги обезбеди своите приоритетни потреби и земјите донатори да одговорат соодветно, рече францускиот дипломат.

На средбата преку видео врска ќе се обрати украинскиот претседател Володимир Зеленски, а лично ќе присуствува неговата сопруга Олена Зеленска.

Конференцијата доаѓа по критиките на францускиот претседател Емануел Макрон од некои европски сојузници и Киев поради политиката на Париз кон Украина, која Елисејската палата ја отфрли.

Loading...

Кабинетот на францускиот претседател соопшти дека неодамнешните изјави на Макрон, особено за обезбедување безбедносни гаранции за Русија, се извадени од контекст и дека Париз никогаш не ја преиспитал поддршката за Киев.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.