Папата Франциск денеска го осуди последниот бран ракетни напади врз Украина и повика на прекин на огнот за да се спречи ризикот од ескалација на конфликтот.
„Со болка и загриженост дознав за нов и уште пожесток ракетен напад врз Украина, кој предизвика смрт и штета на голем број цивилна инфраструктура“, рече папата Франциск, пренесе Ројтерс.
Папата зборуваше на општа аудиенција, а како што пренесува британската агенција, тој не го спомна инцидентот во Полска во близина на украинската граница, каде паднаа две ракети и предизвикаа експлозија во која загинаа две лица.
„Да се молиме Господ да ги промени срцата на оние кои сè уште се обложуваат на војна и да направи желбата за мир да надвладее во напатената Украина со цел да се избегне ескалација и да се отвори патот за прекин на огнот и дијалог“, рече тој.
Генералштабот на украинските вооружени сили вчера соопшти дека Русија лансирала 110 ракети кон Украина и 10 дронови од иранско производство.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека главна цел на ракетниот напад била енергетската инфраструктура, како и досега, но додаде дека вкупно биле погодени само 10 цели.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.