Палестинското Министерство за здравство денеска соопшти дека еден Палестинец загинал од израелски оган, а израелската полиција соопшти дека тоа се случило при рација на Западниот Брег и дека тој фрлил касетна бомба врз израелските сили.
Како што соопшти палестинското Министерство, убиен е Дауд Махмуд Калил Рајан (42) од градот Беит Дуку на окупираниот Западен Брег.
Во одделен инцидент утринава, Палестинец беше застрелан кога со нож нападна полицаец во Стариот град во Ерусалим.
Полицаецот се здобил со полесни повреди, а состојбата на напаѓачот не се знае веднаш, но подоцна беше соопштено дека тој е убиен.
Уште еден полицаец е полесно ранет од куршум испукан од неговиот колега.
Израелската полиција и паравоените граничари на окупираниот Западен Брег упаднаа во куќата на Палестинец кој во средата со своето возило налета на израелски војник и наиде на насилен протест.
Демонстрантите фрлаа камења и огнени бомби врз израелските сили, кои возвратија со оган.
Од почетокот на оваа година, повеќе од 130 Палестинци се убиени во израелско-палестинските конфликти на Западниот Брег и Источен Ерусалим, што е најмногу од 2015 година.
Насилството се интензивираше оваа пролет кога во бранот палестински напади загинаа 19 лица во Израел.
После тоа, започна воена операција за уништување на екстремистичките мрежи.
Во последните недели повторно се зачестија нападите против Израелците, во кои загинаа најмалку три лица. Насилството ескалира за време на парламентарните избори во Израел. Се очекува денеска да се пребројат сите гласови.
Поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху се очекува да се врати на власт во коалициска влада со екстремно десничарските сојузници, вклучувајќи го и екстремистичкиот пратеник Итамар Бен-Гвир, кој најави дека Израел наскоро ќе одговори поостро на палестинските напади.