Надлежните тимови од Турција и Обединетите нации денеска ја продолжија инспекцијата на бродовите во рамките на договорот за транспорт на украински житарки од пристаништата на Црното Море, откако Русија викендов го прекина учеството во договорот, изјави портпаролот на ОН задолжен за иницијативата.
Во неделата ОН објавија дека постигнале договор со Украина и Турција за движење на 16 бродови кои се во турските води, како и дека денеска треба да се обезбедат инспекции за 40 бродови во заминување кои се закотвени во близина на Истанбул.
Русија објави дека го суспендира учеството во спроведувањето на договорот за жито, постигнат во јули годинава со Украина, со посредство на ОН и Турција, на неопределен период, бидејќи не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови по нападот. на руската црноморска флота во Севастопол.
Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Руденко во неделата изјави дека за можноста Русија да се врати на договорот за жито може да се разговара само откако ќе бидат познати сите околности за нападот на бродовите на Црноморската флота во водите на Севастопол.
Русија во саботата објави дека го суспендира своето учество во договорот за жито по нападот во Севастопол врз воените бродови на Црноморската флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.
Договорот за жито постигнат на 22 јули во Истанбул резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од црноморските пристаништа во Украина до денес.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.