Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека по референдумот во областите на источна Украина, преговорите со рускиот претседател Владимир Путин веќе нема да бидат можни.
– Референдумот може да доведе до многу трагични ситуации. Луѓето кои нема да се појават на референдумот можат да останат без струја, бидејќи Русите можат да им ја прекинат струјата и да им оневозможат нормален живот. Ги тераат луѓето да гласаат, ги фрлаат во зандани. Ги тераат да излезат на псевдореферендум – рекол Зеленски за американската мрежа CBS, пренесува Танјуг.
Зеленски додава дека многу мал број луѓе од областите на истокот на Украина ги поддржуваат референдумите.
– Сепак, гледам нови закани кога ќе завршат референдумите. Веќе се подготвени ливчињата. Руската влада може официјално да прогласи дека референдумот е завршен и да ги објави резултатите. Но, после тоа ќе стане невозможно да се продолжат какви било дипломатски преговори со претседателот на Руската Федерација, а тој тоа многу добро го знае. Референдумот е многу опасен сигнал од Путин кој ни кажува дека Путин нема да стави крај на војната – додаде Зеленски.
Проруските сили организираат референдуми за приклучување кон Русија во самопрогласените републики Доњецк и Луганск, како и во областите Запорожје и Керсон, од 23 до 27 септември.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.