Американскиот државен секретар Ентони Блинкен синоќа изјави дека со последниот пакет помош од 775 милиони долари, Америка досега обезбедила воена помош од 10,6 милијарди долари за Украина, соопшти Стејт департментот.
„Како што се приближуваме до 180-тиот ден од руската брутална и неиспровоцирана војна против Украина, претседателот Путин продолжува да удира, нанесувајќи страшна штета на цивилите и предизвикувајќи масовно уништување на цивилната инфраструктура. Претседателот Бајден беше јасен кога рече дека ќе продолжиме да го поддржуваме украинскиот народ во неговата одбрана од рускиот агресор, се додека тоа е потребно“, рече Блинкен.
Тој рече дека како дел од тие напори, го одобрува 19-тиот пакет помош, кој започна во септември 2021 година.
„Овој пакет од 775 милиони долари вклучува дополнително оружје, муниција и опрема од Министерството за одбрана на САД. Вкупната помош сега изнесува 10,6 милијарди долари од преземањето на актуелната администрација. САД, заедно со сојузниците и партнерите од повеќе од 50 земји, обезбедуваат клучна безбедносна помош за Украина за одржување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, рече Блинкен.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.