Зеленски: Можна мисија на MAAE во Запорожје

Сподели со своите пријатели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека тој и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш постигнале договор за можна мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во нуклеарната централа во Запорожје, која ја држат руските сили.

Loading...

По разговорот со Гутереш и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера во Лавов, тој рече дека евентуалната посета на МААЕ треба да се изврши „легално преку територија ослободена од окупатори“.

Агенцијата АП оценува дека е постигнат мал напредок во разговорите во четвртокот, бидејќи за договор за клучните прашања за ставање крај на војната потребна е согласност од Москва.

Зеленски додаде дека Русија треба веднаш да ги повлече своите сили и да престане да ја гранатира нуклеарната централа.

Тој ги повика Обединетите нации да ја осигураат безбедноста на нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина поради зголемените стравувања од борби во областа и распоредување руски војници на локацијата.

„Посебно внимание беше посветено на темата за руската нуклеарна уцена во нуклеарната централа Запорожје. Овој намерен терор од страна на агресорот може да има катастрофални последици за целиот свет. Затоа ОН мора да ја обезбедат безбедноста на овој стратешки објект, негова демилитаризација и целосно ослободување од руските трупи“, напиша Зеленски на Телеграма по средбата.

Како што потсетува Радио Слободна евеопа (РСЕ), Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат дека планираат „провокација“ во електраната во Запорожје.

Гутереш и меѓународната заедница изразија длабока загриженост за ризикот од катастрофа во нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, поради извештаите за гранатирање и други опасности во изминатата недела.

Loading...

„Мораме да кажеме како што е: секоја потенцијална штета во Запорожје би била самоубиство“, рече Гутереш за време на посетата на Лавов во западна Украина.

Гутереш претходно овој месец ги повика руските сили да се повлечат од објектот на „безбедно растојание за демилитаризација“, што Русија го отфрли во четвртокот.

Обединетите нации понудија да помогнат во олеснувањето на посетата на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Запорожје, но Москва ја отфрли идејата мисијата да патува преку Киев и покрај тоа што вети дека ќе направи се што е во нејзина моќ за да и помогне на МААЕ да добие пристап до нуклеарната централа.

Русија не негира дека има стационирани војници во фабриката, но ги оспори тврдењата дека ја гранатирала областа.

Наместо тоа, Москва ги обвинува украинските сили за истрелување артилериски гранати во областа, што властите во Киев го негираат.

Турскиот претседател Ердоган ја изрази својата загриженост за воените активности во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје, потсетувајќи на несреќата во централата во Чернобил во 1986 година.

„Изразив загриженост за конфликтот околу нуклеарната централа во Запорожје. Не сакаме да доживееме уште еден Чернобил“, рече Ердоган на прес-конференција по трилатералната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Русија ја освои електраната во март по тешки борби, а со неа сè уште управуваат украински техничари.

Loading...

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.