Украинскиот државен оператор на нафтоводот Укртранснафта престана да испумпува руска нафта преку јужниот крак на системот Дружба во Европската унија, објави новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на руската компанија Транснефт.
Според извештајот, запрени се транзитните испораки за Унгарија, Чешка и Словачка.
Игор Демин, портпаролот на претседателот на Транснефт, во понеделникот за агенцијата РИА изјавил дека продолжува транзитот низ Белорусија во правец на Полска и Германија, пренесува денеска Раша.
Тој објасни дека Русија не може да плати за транзит поради санкциите на ЕУ, додека украинската компанија инсистира на 100 отсто авансно плаќање за своите услуги за транспорт на нафта.
„Кога беше извршена уплатата за транзит низ територијата на Украина, средствата беа вратени на сметката на Транснефт. Гаспромбанка која ги сервисира трансакциите нѐ информираше дека уплатата е вратена во согласност со регулативите на ЕУ, т.е. во согласност со седмиот пакет санкции“, рече Демин.
„Транснефт“ нагласи дека работат на алтернативни опции за плаќање на услугите за транзит на нафта преку Украина и дека се обратиле и до Гаспромбанк.
Дружба, една од најдолгите цевководни мрежи во светот, транспортира нафта на растојание од околу 4.000 километри – од источниот дел на европска Русија до рафинериите во Чешка, Германија, Унгарија, Полска и Словачка.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.