Јапонија во средата изрази „загриженост“ поради најавата на Пекинг дека ќе преземе „целна воена акција“ како одговор на посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси на Тајван, вклучително и внатре во јапонската ексклузивна економска зона (ЕЕЗ).
„Поморската област каде Кина најави воени вежби од 4 август ја опфаќа ексклузивната економска зона на Јапонија“, изјави портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно.
Токио ѝ ја пренеl на Кина својата загриженост за природата на воените вежби, кои вклучуваат употреба на боева муниција.
„Мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец се важни не само за безбедноста на нашата земја, туку и за меѓународната стабилност. Ставот на Јапонија отсекогаш бил дека прашањата поврзани со Тајван мора да се решаваат по мирен пат, преку дијалог“, рече портпаролот.
На прашањето дали Јапонија ја поддржува посетата на Пелоси на Тајван, Мацуно одговори дека јапонската влада „не е во позиција да ги коментира меѓународните посети на Пелоси“.
Тајванското Министерство за одбрана е исто така загрижено за воените маневри на Кина бидејќи тие навлегуваат во територијалните води на Тајван, но тајванскиот претседател Цаи Инг Вен рече дека Тајван нема да отстапи.
Посетата на претседателот на американскиот Претставнички дом на Тајван го предизвика гневот на Пекинг, кој го смета островот за дел од својата територија и се спротивставува на секоја иницијатива која на тајванските власти им дава меѓународен легитимитет.
Кинеското Министерство за одбрана објави „целни воени дејствија“, со серија воени маневри околу островот кои започнаа во среда, вклучително и „пукање боева муниција со долг дострел“ во Тајванскиот теснец, кој го дели островот од континентална Кина.
Пелоси пристигна во Тајпеј доцна во вторникот на ненајавено, но внимателно следено патување, велејќи дека тоа ја покажува непоколебливата посветеност на САД кон самоуправниот остров за кој Пекинг тврди дека е дел од Кина.
Пелоси треба да ја посети Јапонија на крајот на неделата.
Кина го смета Тајван за дел од својата територија и никогаш не се воздржуваше од употреба на сила за да го стави под своја контрола.
SAD ја предупредија Кина да не ја користи посетата како изговор за воена акција против Тајван.
Кина ја осуди американската посета на Тајван на највисоко ниво во последните 25 години како закана за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и возврати со серија воени вежби, покана за разговор со американскиот амбасадор во Пекинг и најава за прекин на увозот на повеќе земјоделски производи од Тајван.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.