Парламентот на Молдавија гласаше за продолжување на вонредната состојба за уште 60 дена, откако владата рече дека сè уште и се потребни посебни овластувања за да се справи со последиците од руската инвазија на Украина.
Обраќајќи им се на пратениците, кои гласаа за продолжување на вонредната состојба во четвртокот, молдавската премиерка Наталија Гаврилица рече дека постојат континуирани ризици за енергетската и граничната безбедност и укажа на потребата да се управува со протокот на бегалци од Украина.
„Ризиците за Молдавија поради војната во Украина се уште се високи. На Владата и се потребни дополнителни овластувања“, изјави премиерот на Молдавија, пренесува Танјуг.
Продолжувањето на вонредната состојба ќе стапи на сила на 8 август, пренесува Ројтерс.
Околу 500.000 бегалци ја преминаа границата откако Русија ја нападна Украина, од кои повеќе од 100.000 останаа во Молдавија, која има околу 2,6 милиони луѓе.
Парламентот на Молдавија прво гласаше за воведување привремена вонредна состојба веднаш по рускиот напад врз Украина и ја продолжи мерката во април и јуни.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.