Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека поддршката на Западот за милитаризмот на Киев е неприфатлива.
Според соопштението на МНР, Лавров ова го изјавил на средбата со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Индонезија, пренесува ТАСС.
„Во текот на разговорот беше извршена темелна размена на мислења за меѓународната и регионалната агенда, со акцент на ситуацијата во Украина“, се наведува во соопштението.
Како што соопшти руското Министерство за надворешни работи, Русија ја потврди својата принципиелна позиција дека „понатамошната западна поддршка за милитаристичките амбиции на режимот во Киев е неприфатлива, бидејќи ја охрабрува украинската влада да отстапи од претходно постигнатите мировни договори“.
Исто така, како што е наведено, беше ставен акцент на важноста од понатамошна координација меѓу министерствата за надворешни работи и одбрана, со цел да се обезбеди безбедност на цивилите и економските субјекти во Украина.
Соговорниците разговарале и за други меѓународни прашања, вклучително и за интеракцијата меѓу Русија и Турција во Црното Море, како и во мултилатералните организации.
„Министрите го изразија своето задоволство од развојот на политичкиот дијалог меѓу земјите на највисоко ниво во 2022 година. Тие ја потврдија подготвеноста за продолжување на блиските контакти меѓу раководството на Русија и Турција“, се додава во соопштението на руското Министерство.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.