ЕП: Нормализирање на односите е неопходно за европскиот пат на Косово и Србија

Сподели со своите пријатели

Без нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, Косово нема да напредува кон членство во Европската унија, а преостанатите пет членки на ЕУ треба „без одлагање“ да го признаат Косово, се вели во резолуцијата на Европскиот парламент усвоена во средата.

Loading...

Во резолуцијата, усвоена во средата со 469 гласа „за“, 96 „против“ и 72 воздржани, се нагласува дека „напредокот во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија врз основа на взаемно признавање“ е клучен за европскиот пат на Приштина и Белград.

„Без сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, ниту една земја нема да може да се приближи до ЕУ“, изјави во вторникот германската европратеничка од Зелените, Виола фон Крамон-Таубадел, презентирајќи го извештајот за Косово за 2021 година.

„Од Приштина и Белград се очекува итен напредок кон целосна нормализација на нивните односи“, рече на пленарната седница комесарот на Европската комисија за хуманитарна помош и управување со кризи Јанез Ленарчиќ.

ЕУ го поздравува тоа што Косово силно ја осуди руската инвазија на Украина и воведе санкции кон Москва.

„Косово јасно се дефинираше и ја потврди посветеноста на европските вредности“, посочи Ленарчиќ, но веројатно уште некое време ќе остане само потенцијален кандидат за членство во Унијата.

Косовскиот премиер Албин Курти најави дека Приштина ќе побара кандидатски статус во Унијата до крајот на годината, но Европскиот парламент во усвоената резолуција го повикува Косово да ги фокусира своите напори на подобрување на односите со Србија и „да не создава друга извор на разочарување за своите граѓани со поднесување прерано барање “ за членство во ЕУ“.

Косово не е признаено од сите членки на ЕУ – Кипар, Грција, Романија, Шпанија и Словачка.

Loading...

Во новата резолуција се повторува дека независноста на Косово е „неотповиклива“ и дека преостанатите членки на ЕУ треба да го признаат Косово „без одлагање“.

Фон Крамон-Таубадел предупреди дека Косово предолго е во чекалната за безвизен режим, иако „критериумите одамна се исполнети“.

Комисијата уште во 2018 година потврди дека Приштина ги исполнила сите услови за визна либерализација, но се чека позитивна одлука на Советот.

Франција сѐ уште е скептична за укинувањето на визниот режим, а дел од нејзините десничарски европратеници се исто така против влезот на земјата во ЕУ.

„Се чини дека сакате да ги отворите вратите на Европа за трговија со дрога, луѓе, оружје и исламисти. Ве потсетувам дека Косово испрати најмногу џихадисти во Сирија и Ирак“, изјави францускиот европратеник Жан-Лин Ла Шапел од Идентитет и демократија.

Косово е единствената земја од Западен Балкан за која не се применува визната либерализација, а во извештајот се предупредува дека тоа „го отежнува спроведувањето на програмите на ЕУ, директно ги погодува граѓаните на Косово, а во исто време ги поттикнува криминалните мрежи“.

Во исто време, „репутацијата и кредибилитетот на ЕУ како доверлив партнер и сериозен геополитички актер“ продолжува да се загрозени, се додава.

Во резолуцијата се посочува и дека Косово мора да продолжи да ги спроведува реформите, вклучително и реформата на енергетскиот пазар и дека владата треба да ја забрза работата на енергетската стратегија за периодот од 2022 до 2030 година.

Loading...