Советникот на претседателот на Украина Олексеј Арестович стравува дека западните политичари од Германија, Франција и Италија ќе се обидат да склучат уште еден мировен договор како што е Минск II за време на нивната посета на Киев.
Ќе речат дека мора да ја прекинеме војната, која создава проблеми со храната и економијата, дека Русите и Украинците умираат, дека мора да го спасиме лицето на господинот Путин, дека Русите згрешиле, дека мора да им простиме и да им дадеме шанса да се вратам во светското општество“, изјави Арестович за германски Билд.
Според францускиот претседател Емануел Макрон, Украина во одреден момент ќе мора да разговара со Русија за да се стави крај на војната.
Францускиот претседател неодамна изјави дека по завршувањето на борбите Русија не треба да се понижува.
На тоа Украина реагираше со остри критики. А сега Арестович додаде: со оглед на наводните воени злосторства во Буча, барањето на Западот да му се дозволи на Путин да го „спаси образот“ би било несоодветно.
Договорите од Минск – 2014 и 2015 година
Мировниот процес кој требаше да стави крај на граѓанската војна во источна Украина вклучува два договори: Минск протокол, познат и како Минск I и Минск II.
Кога денес зборуваме за договорите од Минск, главно мислиме на Минск II.
Целта на договорот беше да се стави крај на војната во источна Украина, но во многу аспекти не успеа да ги постигне своите цели.
Но, што всушност беше договорено?
Минск I
Украина и сепаратистите поддржани од Русија се договорија во 2014 година за план од 12 точки за прекин на огнот долж контактните линии, што всушност стана граница на сепаратистичките области.
Но, примирјето не траеше долго: имаше жестоко насилство од двете страни.
Минск II
По маратонските преговори, следната година беше потпишан уште еден договор – пакет мерки за обезбедување на имплементација на договорот од 2014.
Нов мировен договор беше потпишан во 2015 година во белорускиот главен град Минск од Русија, Украина, Франција и Германија.
Тогаш непријателствата беа значително намалени, но многу точки од договорот сè уште беа само делумно спроведени.
Примирје, безбедносна зона…
Договорите во основа се состојат од прекин на огнот, повлекување на тешкото вооружување и создавање на безбедносна зона под покровителство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), на 400-километарскиот дел од украинско-руската граница.
Дури и овие три суштински точки се само делумно испочитувани.
Според ОБСЕ, постојано има насилство меѓу конфликтните страни. Покрај тоа, Киев ја обвини Русија дека дозволува оружје и борци да стигнат до сепаратистите преку безбедносната зона.
Размената на затвореници и прописот за амнестија, исто така, не одеа според договорот – а тоа е ослободување на сите заложници и незаконски приведени од двете страни. Навистина, беа разменети само поединечни борци, војници или активисти.
Политички цели
Други клучни точки од договорот од Минск се договорите за политичко решение на конфликтот, како што се уставните реформи во Украина.
Реформата имаше за цел децентрализација на Украина, вклучително и посебен статус за спорните сепаратистички региони Доњецк и Луганск.
Меѓу другото, на овие области треба да им се дозволи да одржуваат економски односи со Русија, додека сепаратистите се обврзаа дека ќе дозволат реинтеграција на овие области во украинската држава.
Овие и многу други точки од Договорот од Минск се сметаа за политички тешки за спроведување и – според меѓусебните обвинувања – не беа почитувани или само делумно.
Во февруари годинава рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руската влада дошла до заклучок дека нема изгледи за договор со Украина и со тоа го прогласи Договорот од Минск за неуспешен.
И на 21 февруари, непосредно пред нападот на Украина, Путин ја призна независноста на самопрогласените „Народни републики“ во источна Украина.