Липково е единствената општина од целиот Североисточен регион во Македонија која има позитивен природен прираст на населението во првите три месеци од годинава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Тоа значи дека во оваа општина во јануари, февруари и март биле родени повеќе деца од што имало регистрирано починати лица. Така според ДЗС родени биле 75 бебиња, а починале 40 лица. Тоа значи дека општината има позитивен природен прираст од 35.
Иако далеку помала општина од Куманово, Липково регистрира поголем број склучени бракови.
Така во Куманово првите три месеци имало 95 парови што стапиле во брачна заедница, но во Липково тоа го сториле дури 123. Нема регистрирано ниту еден развод, наспроти Куманово каде има 10.
Лоша е состојбата и со останатите општини во Североистокот.
Во Старо Нагоричане во првото тримесечје годинава се родиле пет бебиња, а починале 14 лица, а со тоа општината има негативен природен прираст од -5. Нема склучени ниту еден нов брак, ниту пак има регистрирано разводи.
И Крива Паланка се соочува со негативен природен прираст од -63. Таму во првите три месеци годинава се родиле 27 деца, а починале дури 90 лица. Склучени биле 19 нови бракови, а нема разводи.
Лоша е состојбата и во Кратово. Таму се родиле пак само пет бебиња во јануари, февруари и март, а починале дури 40 лица. Со тоа негативниот природен прираст изнесува -35. Биле регистрирани 7 нови брачни заедници и еден развод.
Ранковце имало повеќе бебиња од Кратово, но и натаму природниот прираст е во негатива. Биле родени осум деца, а починале 20 жители, односно прираст од -12. Имало еден нов брак за трите месеци, а ниту еден развод.
Никола Ивановски