Германските власти тврдат дека постои „неформален“ договор во НАТО да не испорачува тенкови од западно производство на Украина, бидејќи Русија може да го сфати тоа како провокација. Некои мислат дека тоа е само изговор.
Членките на НАТО неофицијално се согласија да не испорачуваат борбени тенкови од западно производство на Украина, според германските социјалдемократи (СПД), кои ја предводат владејачката коалиција.
Како што рече пратеникот на СПД задолжен за прашањата на одбраната, Волфганг Хелмих, договорот е неформален бидејќи НАТО и онака нема свое оружје за испорака, туку членките имаат. Но, засега сите членки на НАТО се придржуваат до тој наводен договор, велат во СПД.
Овие тврдења беа поздравени во Германија во атмосфера на жестоки дебати за тоа дали Берлин треба да испрати дополнително тешко оружје за одбрана на Украина.
Досега Германија ветуваше хаубици и тенкови од типот Гепард – но тоа се одбранбени противвоздушни тенкови. Исто така, Берлин испраќа помодерни тенкови во Словенија со цел таа да и отстапи стари тенкови од советски тип на Украина.
Пратеникот на СПД Хелмих тврди дека членките на НАТО за тој договор кон средината на мај го информирале Комитетот на германскиот парламент задолжен за одбрана.
Обвинувања од опозицијата
Договорот, чие постоење го потврдуваат владини извори за германската агенција dpa, влијае и на германските тенкови од типот Леопард. Производителите веќе побарале од владата дозвола да ги извезат во Украина, но се уште не ја добиле.
Како што изјавија извори за ДПА, целта е да се намали ризикот од директен воен судир меѓу Русија и НАТО. Во Берлин се стравува дека Москва може да го протолкува испораката на офанзивни тенкови или борбени авиони од западно производство како објава на војна.
Наводниот договор во НАТО е пикантен затоа што германскиот парламент неодамна со убедливо мнозинство усвои заклучок со кој се повикува владата да ја вооружи Украина со тешко оружје што е можно повеќе.
Опозициските демохристијани тврдат дека пратениците немале поим за наводниот договор за НАТО и ги обвинуваат властите за „јавашлук“.
„Или, и ова би било скандал, германскиот Бундестаг и јавноста се жедни за вода со уште нови псевдообјаснувања за маскирање на стратегијата за одолговлекување (во вооружувањето на Украина)“, рече Јохан Вадепфул, заменик-шеф на Демохристијаните.
Од почетокот тие ја обвинија Владата на канцеларот Шолц дека е неодлучна или премногу попустлива кон Кремљ.
Сомнежи за постоењето на договорот
Томас Виголд, новинар кој се занимава со безбедносни прашања, за јавниот сервис АРД изјави дека само од Германија слушаме за постоење на таков договор во рамките на НАТО. Сепак, додаде тој, ниту една земја сè уште не испорачала тенкови од западно производство на Украина.
„Причината зошто толку жестоко се дебатира во Германија е тоа што наменската индустрија има постари модели на тенкот Леопард I што може да ги подготви за испорака“, додаде тој.
Од седиштето на НАТО во Брисел накратко соопштија дека „испораката на оружје е национална задача“ на секоја членка. Постоењето на договорот не е ниту потврдено ниту демантирано.
Германскиот јавен сервис ЗДФ ги доведува во прашање тврдењата на социјалдемократите, наведувајќи дека е незамисливо Полска и балтичките земји да се согласат на договор за забрана за испорака на одредено оружје за Украина.
Исто така, ЗДФ потсетува дека САД и другите земји веќе го испорачаа или најавија дека ќе го испорачаат лесното оклопно возило М113. Иако е транспортер, може да биде вооружен со топ од 25 милиметри – што е поголем калибар од германскиот лесен тенк Куна, кој Берлин одбива да го испорача.

