Претставници на Синдикатот на полицијата во Македонија изминатата недела оствариле средба со градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, во врска со иницијативата за изградба на спомен обелжје на загинатите припадници на безбедносните сили од 2001 година и настаните од Диво насеље од 2015 година.
Како што информираат тие побарале од градоначалникот иницијативата за спомен обележје доставена до општината да биде ставена во мирување, а во меѓувреме ќе бараат на територијата на Општина Куманово да им се подигне споменик.
– До ваква одлука дојдовме водени од фактот дека на територија на Општина Липково во меѓувреме е изграден монументален споменик со грандиозни големини во чест на паднатите борци на ОНА од воениот конфликт во 2001 којшто кај сите нас генерира негативни чувства, несоодветно ја отсликува реалноста што дополнитенлно буди негативни чувства и кај сите бранители, семејствата на загинатите бранители, граѓаните и нашите членови кои што ги претставуваме. Поради тоа ве информираме дека ќе поднесеме нова иницијатива до Собранието на Македонија за градба на меморијален споменик на територија на Општина Куманово за сите бранители и паднати борци од осамостојување на Република Македонија до денеска кои што својот живот го дале за заштита на уставниот поредок на независна Македонија и нејзините граѓани, стои во нивното соопштение.
Иницијативата велат дека ќе биде поднесена согласно Законот за меморијални споменици и спомен обележје Сл.весник на РМ бр. 66/04,89/08,152/15 до Собранието, член 5 став 2.
– Сметаме дека загинатите бранители во независна Македонија заслужуваат соодветен третман од страна на државата и изградба на меморијален споменик токму на територија на Општина Куманово каде што се водеа голем број од борбените дејствија а воедно очекуваме оваа наша иницијатива да биде поддржана од останатите невладини организации, здруженија, синдикати, индивидуални лица, интелектуалци и целата општествена јавност во Македонија со цел еднаш засекогаш овие наши херои да бидат соодветно третирани и да добијат вистински меморијален споменик со кој ќе се одбележат нивните жртвувања за државата, се додава во соопштението.
Никола Ивановски