Европската комисија го обвини Apple дека ја злоупотребува својата доминантна позиција на пазарот во областа на бесконтактното плаќање, бидејќи ги спречува своите конкуренти да пристапат до безжичната технологија NFC, која воспоставува комуникација помеѓу личниот мобилен уред и терминалот за плаќање во продавниците.
Агенцијата HINA известува дека ЕК отворила истрага во јуни 2020 година со цел да утврди дали Apple ги прекршува нормите на пазарна конкуренција нудејќи им на корисниците на Apple Pay апликација за бесконтактно плаќање.
Во прелиминарниот извештај на ЕК се наведува дека е утврдена злоупотреба на доминантна позиција на пазарот, но Комисијата не презема никакви мерки против Apple додека не се потврдат прелиминарните наоди.
Корисниците на уредите на Apple, мобилните телефони и паметните часовници можат бесконтактно да плаќаат само преку апликацијата Apple Pay, што го спречува користењето на конкурентни апликации.