Руското Министерство за одбрана не ја исклучува можноста да ги стави под целосна контрола главните украински градови, изјави денеска за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Обезбедувајќи максимална безбедност на цивилното население, Министерството за одбрана не ја исклучува можноста за ставање под целосна контрола на големите населени места кои денес се веќе практично опколени, со исклучок на зоните што се користат за хуманитарна евакуација“, рече Песков, пренесе ТАСС.
Едно лице загина откако во Киев паднаа остатоци од соборена руска ракета (ФОТО)
Тој посочи дека претседателот на Русија, Владимир Путин, на почетокот на специјалната операција во Украина дал инструкции веднаш да не се напаѓаат градовите, вклучително и Киев, поради можни големи загуби меѓу населението, пренесе РИА Новости.
„На почетокот на операцијата, претседателот на Русија навистина му наложи на Министерството за одбрана да се воздржи од директни напади врз големи населени места, вклучително и Киев, поради фактот што вооружените националистички формации… распоредуваат тешка воена опрема во станбените области и борби во густо населените области неизбежно би довеле до големи загуби меѓу цивилите. А операцијата беше планирана токму поради оваа околност“, рече Песков.
Кремљ во овој момент нема што да каже кога би можела да заврши специјалната воена операција во Украина за заштита на Донбас, изјави за медиумите портпаролот на рускиот претседател.
„Засега ништо не може да се каже“, рече тој на прашањето дали Кремљ може да открие кога ќе биде завршена специјалната операција.
Песков не кажа ништо на прашањето дали рускиот претседател Владимир Путин е задоволен од напредокот на специјалната операција.