Најмалку 100.000 луѓе излегоа на демонстрациите во Берлин денеска во знак на солидарност со Украина, која беше нападната од руски војници, изјави портпаролот на полицијата во германската престолнина, додека организаторите велат дека излегле 500.000 луѓе.
Демонстрантите се собраа пред Бранденбуршката порта и Рајхстагот, зградата на парламентот, носеа знамиња со украинска жолта и сина боја, пренесува АФП.
„Берлин 670 километри од линијата на фронтот“, „Стоп за убијците“, „Не за Третата светска војна“, пишуваше на транспарентите на демонстрантите кои масовно се одзваа на повикот на украинската заедница во Германија.
Од четвртокот и почетокот на руската инвазија на Украина, секојдневно се одржуваат собири во германската престолнина и особено пред руската амбасада, која се наоѓа на авенијата Унтер ден Линден, една од главните авении што водат до Бранденбуршката порта.
Во Германија има повеќе од 300.000 Украинци или луѓе со украинско потекло, како и голема руска дијаспора, особено во Берлин.