Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека подготвеноста на претседателот на Украина Владимир Зеленски да преговара со Русија за неутралниот статус на Украина е „чекор во позитивна насока“.
„Тоа е веројатно чекор во позитивна насока, сега на нас останува да ја анализираме таа изјава. Не можам да кажам повеќе за тоа“, рече Песков.
Тој, исто така, не можеше да каже дали Кремљ размислува за можен контакт меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Владимир Зеленски.
Тој исто така рече дека Москва чека координиран одговор од Западот по започнувањето на специјалната операција во Украина и нагласи дека Кремљ верува дека нормализација на односите некогаш ќе дојде.
На прашањето дали Кремљ сè уште го смета Зеленски за претседател на Украина, Песков одговори потврдно.
„Да, се разбира, Зеленски е претседател на Украина“, им рече Песков на новинарите.
Тој се осврна и на одлуката за откажување на летовите на југот на Русија, велејќи дека мерката е воведена со цел да се обезбеди безбедност на патниците поради ситуацијата во Украина.

