Обединетите нации (ОН) и повеќето членки на Советот за безбедност на ОН рано утринава го осудија руското признавање на отцепените територии во источна Украина и наредбата на рускиот претседател Владимир Путин за распоредување војници во тие области, додека Москва соопшти дека е „отворена за дипломатија“.
„Меѓународно признатите граници на Украина ќе останат непроменети без оглед на изјавите и дејствијата на Русија“, изјави украинскиот амбасадор во ОН Сергеј Кишлица на итниот состанок на Советот за безбедност на ОН.
Украина бара Русија да ја „поништи одлуката за признавање“ на украинските сецесионистички територии, „да се врати на преговарачка маса“ и да ги повлече своите „окупациски трупи“, додаде Кишлица.
Според АФП, на крајот од речиси двочасовниот „напнат“ состанок на Советот за безбедност на ОН, украинскиот дипломат оценил дека „ОН се болни, погодени од вирусот што се шири од Кремљ“.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд на почетокот на средбата оцени дека тоа што Путин ја нарекол руската армија мировна сила е „глупост“, наведувајќи дека намерата била да се оправда евентуалното влегување на Русија во сепаратистичките територии на источна Украина.
Заменик-генералниот секретар на ОН за политички прашања, Розмари Ди Карло, изрази длабоко жалење за одлуките и постапките на Русија.
„Следните неколку часа и денови ќе бидат критични. Ризикот од голем конфликт е реален и мора да се избегне по секоја цена“, рече таа.
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија изјави дека Русија останува отворена за дипломатија, но дека „нема да дозволи крвопролевање во Донбас“.
Постапките на Русија ги осудија и претставниците на Франција, Норвешка, Ирска, Индија, Кенија и Албанија.
Кина не ја осуди експлицитно Русија.
„Сите земји треба да ги решаваат меѓународните спорови по мирен пат во согласност со целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации“, рече кинескиот амбасадор Џанг Џун, повикувајќи ги сите страни на воздржаност.