Пакистанец си ја убил својата славна сестра, судот го ослободил: Горд сум што ја убив (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Судот во Пакистан го ослободил човекот кој си ја убил неговата сестра, ѕвездата на социјалните мрежи Кандил Балоч, три години откако бил осуден за нејзиното убиство затоа што таа „нанесе срам“ на семејството.

Loading...

Адвокатот на Васеем Балоч, Сардар Мехмуд, денеска за Си-Ен-Ен ја потврди ослободителната пресуда, но не дал повеќе детали. Судската одлука се уште не е официјално објавена. Балоч бил уапсен во 2016 година, неколку дена по убиството, и во видео признал дека ја убил својата 25-годишна сестра.

Ѕвездата на социјалните мрежи од Пакистан, Кандил Балоч, која ја нарекувале новата Ким Кардашијан, била убиена од нејзиниот брат во нејзиниот дом. Таа изградила манекенска кариера врз основа на фотографиите кои ги објавувала на социјалните мрежи, додека на нејзиниот брат не му се допаѓала „провокативната“ содржина.

Се стекнала со слава, но и привлекла општествени критики за храбрите, смели и политички објави на социјалните мрежи. На снимките знаела да разговара за фризурите и да зборува за љубовта кон познатите личности. Таа се нарекувала „модерна феминистка“ и имала речиси 750.000 следбеници на Фејсбук.

Кандил Балоч била убиена во нејзината семејна куќа во градот Мултан, во пакистанската провинција Пенџаб. И покрај признанието, нејзиниот брат пред судот се изјаснил за невин и бил осуден на доживотен затвор во 2019 година.

Во видеото, тој вели дека е „горд“ што ја убил својата сестра, додавајќи дека за него е „премногу“ што неговите пријатели ги споделуваат нејзините фотографии и снимки.

“Прво ја издрогирав, а потоа ја убив. Девојките се родени за да останат дома и да ја следат традицијата. Мојата сестра никогаш не го правеше тоа”, изјавил Васеем Балоч.

Во таканаречените убиства за чест, членовите на семејството обично ги убиваат жените, бидејќи веруваат дека на некој начин го посрамотиле семејството. Во времето на убиството на Кандил Балоч, семејството на жртвата имало право, според пакистанскиот закон, да го помилува осудениот убиец.

Loading...

Оваа ослободителна пресуда ги налутила активистите за правата на жените во Пакистан.

„Човекот кој призна дека ја убил Кандил, неговата сопствена сестра, од денес е слободен човек во истата земја каде што Кандил не можела слободно да живее“, напишал на Твитер адвокатот и активист Нигат Дед, објави Би-Би-Си.