Без напредок на разговорите меѓу САД и Русија околу Украина

Сподели со своите пријатели

Состанокот на претставниците на САД и Русија во Женева не резултираше со приближување на позициите на двете страни во однос на Украина и прашањата за европската безбедност, бидејќи Москва ги повтори барањата што Вашингтон ги смета за неостварливи, објави вечерва Гласот на Америка.

Шефот на американската делегација и заменик државен секретар на САД, Венди Шерман, по разговорите со претставниците на руската делегација изјави дека САД се децидни за безбедносните предлози на руската страна, кои не се прифатливи.

Шерман изјави дека не дозволиле да се затвори политиката на отворени врати на Северноатлантската алијанса за време на разговорите со руската страна во Женева.

„Нема да се откажеме од билатералната соработка со суверени држави кои сакаат да соработуваат со САД и нема да носиме одлуки за Украина без Украина, за Европа без Европа или за НАТО без НАТО“, нагласи американскиот функционер.

Таа, исто така, предупреди дека ниту една земја не може насилно да ги менува границите на друга земја и побара од Русија да ги намали тензиите со враќање на војниците во касарната.

Според неа, САД имале искрени осумчасовни разговори со руската страна и се подготвени повторно да се сретнат со цел подетално да разговараат за билатералните прашања.

Од друга страна, рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, кој ја предводеше руската делегација, оцени дека разговорите биле сложени и многу професионални и додаде дека е потребен чекор напред и компромиси.

По средбата, Рјабков им изјави на новинарите дека руската страна ќе одлучи дали ќе продолжи со преговорите по овонеделните состаноци со претставниците на НАТО и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Тој оцени дека постои основа за договор меѓу Русија и САД, но Вашингтон не треба да ги потценува ризиците од конфронтација.

„Во разговорите меѓу Москва и Вашингтон немаше напредок во разговорите за отфрлање на можното членство на Украина во НАТО. Русија бара цврсти гаранции дека на Украина никогаш нема да и биде дозволено членство во западната воена алијанса, бидејќи таквиот потег би значел закана за националната безбедност на Русија“, рече Рјабков.

Според него, од напредокот по тоа прашање зависи судбината на дел од идните преговори.

Средбата се одржа во седиштето на американската дипломатска мисија во Женева во услови на нарушени дипломатски билатерални односи од крајот на Студената војна пред три децении, оценува VoA.

Руско-американски разговори за безбедносните гаранции беа предложени од Москва, која претходно достави нацрт документи за безбедност до Вашингтон и НАТО, барајќи од Алијансата да не ги прима Украина и другите земји кои некогаш биле дел од СССР и да се откаже од распоредувањето сили и воена опрема во Централна и Источна Европа.