Почна собирањето на донации на различни пунктови во Куманово за годинешниве „Бадникарски поворки“, соопштија денеска од Здружението „Бадникови поворки“.
„Бадниковата пештера“ годинава ја изработи кумановскиот уметник, Мирослав Величковски, а е поставена во „Касапски круг“ Куманово.
– Бадник е највесел ден во годината. Првите весници на раѓањето Христово се децата. Сме навикнале да ги гледаме во црквата и улиците на нашиот град носејќи пештера во раце која ја претставува пештерата во која се родил Христос, носејќи ги ѕвездичките кои ја претставуваат божиќната ѕвезда која им го покажа патот на мудреците и пеејќи ја песничката Вечниот Бог. Оваа година, за жал повторно поради состојбата со коронавирусот нема да се одржи поворката. Меѓутоа мисијата е хуманитарна. Поставени се пунктови за собирање на донации на неколку места, „Јард“, „Версус“, „Спортикум“, „Долче вита“, „Игуана травел“ и Галерија Касапски круг. Парите од донации ќе се доделат на некое од социјално загрозени семејства од нашиот град, изјави Сања Георгиевска од Здружението „Бадникови поворки“.
И лани поради пандемијата се собираа донации на повеќе локации, а средствата беа наменети за купување потрошен материјал за кумановската болница.