Владата на Соединетите Американски Држави објави голем број тајни документи за атентатот на поранешниот претседател Џон Кенеди.
Околу 1.500 документи на разузнавачката служба ЦИА и федералната агенција за криминални истраги и разузнавање ФБИ, кои досега беа означени како „строго доверливи“, беа објавени на веб-страницата на Националниот архив на САД.
Документите вклучуваат телеграми, внатрешни белешки и записи, како и други трудови. Тие ги прикажуваат напорите на американските истражители да ги пронајдат можните соучесници или оние кои го нарачале убиството на Ли Харви Освалд.
Советскиот Сојуз, Куба, италијанската мафија …
Проверени се можните врски со тајната служба на Советскиот Сојуз, комунистичките групи во Африка и италијанската мафија.
Документите даваат увид во тоа како САД ја шпионирале комунистичката влада на Фидел Кастро во Куба, со која Ли Харви Освалд имал контакти, а целта на Кенеди била да ја собори.
На 22 ноември 1963 година, американскиот демократ Кенеди бил во Далас, Тексас. Тој и неговата сопруга Џеки возеле во кабриолет низ градот како дел од изборната кампања. Кенеди беше застрелан неколку пати. После тоа, целата земја падна во колективна тага.
За многумина тој ден заврши сонот за млад, шармантен, американски претседател кој тргна во мисија да го подобри целиот свет. И тоа беше моментот кога почнаа да се појавуваат бројни теории на заговор.
Официјалната верзија постојано се доведува во прашање
Официјалната истрага за смртта на Кенеди дошла до заклучок дека тој бил убиен од единствениот сторител Освалд, кој два дена подоцна бил убиен од сопственикот на ноќен клуб Џек Руби. Но, таа верзија постојано се доведува во прашање.
Така, постојат шпекулации дека Освалд, кој бил симпатизер на комунизмот, добил наредба да го убие Кенеди од Куба или од Советскиот Сојуз. Други сметаат дека зад убиството стојат неговите политички противници.
Филмот на Оливер Стоун предизвика дебата
Дискусијата за позадината на атентатот ја поттикна и политички трилер, филмот „ЏФК“ на американскиот режисер Оливер Стоун од 1991 година.
Следната година, според американските закони, беа објавени документи за смртта на Кенеди – вкупно пет милиони страници. Се разбира, беа можни исклучоци поради загриженоста за националната безбедност.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нареди објавување на повеќе од 53.000 документи во седум фази.
Според Националниот архив, тоа е околу 88 отсто од сите документи за убиството на Кенеди.
Илјадници други трудови, сепак, останаа „строго доверливи“ од причини на националната безбедност.
Наследникот на Трамп, Џозеф Бајден, исто така го пролонгираше објавувањето на тајните документи, со цел да се избегне „штети на воената одбрана на земјата, операциите на тајните служби, работата на полицијата и надворешната политика“.