Претставници на Бригада на Југоисточна Европа – СИБРИГ кои се стационирани во кумановската касарна „Боро Менков“ веќе 17 месеци, денеска донираа компјутери и речници за Основното општинско училиште „Крсте Мисирков“.
Според бригаден генерал Аристедеис Илиопулос, Командантот Бригада на Југоисточна Европа, ова е симболичен подарок во знак на почит на работата на наставниците со учениците.
– Денеска имаме можност да бидеме тука и да понудиме симболичен подарок на оваа основно училиште од Куманово како знак и доказ за почит не само за наставниците кои вршат многу важна работа со учениците, туку и за целото општество во Куманово и властите за гостопримството и одличната соработка овие 17 месеци откако беше преместено седиштето во вашиот град, изјави бригаден генерал Илиопулос.
Ова е еден од многуте успешни проекти во делот на цивилно – воената соработка со СИБРИГ, потенцираше градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој истакна дека соработката со овој контингент е на високо ниво.
– Тие се веќе присутни тука 17 месеци, претставени повеќе држави во овие мултинационални мировни сили во градот. Секогаш подготвени да излезат во пресрет и да помогнат на колективната безбедност како во нашата држава, така во региониот. Ја поздравувам нивната мисија и посакувам и понатаму да продолжи соработката на едно високо и успешно ниво, воопшто не разговараме за висината на донацијата, туку самиот гест што го направија припадниците на СИБРИГ бригадата за нас е од големо значење и јас верувам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина. Општина Куманово отсекогаш имала високо ниво на соработка со Армијата и секако ќе продолжиме да биде дака и во иднина, изјави Димитриевски.
Станува збор за донација од седум компјутери и низа речници кои ќе бидат добредојдени во наставниот процес во училиштетот „Крсте Мисирков“.
Директорот на училиштето Филип Колевски истакна дека ова ќе допринесе да продолжт високите успеси и да се подобри квалитетот на образовниот процес.
– Станува збор за седум компјутер и 16 англиски речници. Се разбира дека ќе помогне во квалитетот на образовниот процес. „Крсте Мисирков“ со декади докажуваше дека има високи постигнувања, се радуваме на едни вакви дополнителни вложувања и донации кои ќе допринесат да го задржиме она елитно ниво на училиште да може и понатаму да имаме високи успеси и во постигнувањата и во квалитетот на образовниот процес затоа сум почестен што како избор за оваа донација е нашето училиште бидејќи секое вложување во образование и квалитетот на образовниот процес е пред се благородно, изјави Колевски.
Според наставникот по информатика Бобан Поповски, во кабинетот немаат можност сите деца да имаат посебен компјутер и една ваква донација ќе помогне тој проблем да биде решен.
– Практично во информатика особено се менуваат програмите, кога се менуваат програмите, таа застарена компјутерска опрема хардверот треба да се менува имаме некаде 15 стари компјутери, односно десктоп компјутери, но бидејќи сега е онлајн настава би требало секое одделение да има барем еден преносен лаптоп тоа би била некоја моја визија за да успешно се спроведува, истакна тој.
Никола Ивановски