Димитриевски: Да бидеме искрени со граѓаните и да им објасниме зошто државата 30 години стагнира и стои во место

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, во рубриката Да си кажеме на Утринската програма на Телма, ја поздрави одлуката за
оставка на лидерот на СДСМ, но како што изјави смета дека оваа политичка партија мора да се ослободи од високото влијание на луѓето кои држат високи позиции во власта и имаат премногу големо влијание.

Во емисијата, Димитриевски му честита на Ковачевски за изборот – претседател на партијата и посочи дека СДСМ треба да се ослободи како партија и не му се потребни лидери кои ќе бидат во сенка на поединци.

„Не делувам за да добијам јавна или политичка функција, туку делувам во интерес на граѓаните и државата. Мојот политички интерес всушност е многу поголем во делот на државниот и националниот, отколку од личниот или кој било внатре партиски, политички интерес, што значи дека ќе чекам претходно да има оградување од сите погрешни ставови и одговор на прашањето зошто претходно кога тие ставови беа погрешни се мочеше како
составен дел на органите и телата на партијата, од страна и на Ковачевски и на многу поединци кои се составен дел на актуелното, а слушам дека ќе бидат составен дел и на идното партиско раководство. Ние не можеме да манипулираме со граѓаните, на нив им е јасно се. Мора да бидеме искрени со граѓаните и еднаш засекогаш да им објасниме зошто нашата држава 30 години стагнира и стои во место, а политичката елита игра пинг понг со граѓаните и го префрла топчето на левата или десната страна, и на моменти се користи со екстремен популизам за да се стекне со популарност пласирајќи го сето тоа преку многу контролирани медиуми, особено порталите коишто функционираат во државата“, рече Димитриевски. Тој информираше дека со министерот за внатрешни работи немал контакти подолг временски период и смета дека тој е еден од најголемите виновници за состојбата во СДСМ во којашто се наоѓа денеска.

„Во ниту еден момент не слушнав дека Ковачевски или кој било друг од раководството се огради од сите оние погрешни ставови и погрешни политики, и на господинот Заев и на СДСМ, поради кои граѓани казнија на последните избори. Значи, воопшто не ми е приоритет која функција или позиција ќе ја имам, многу ми е поважно дали некој од нив се согласува со моите ставови. Го поставувам прашањето зошто ако се согласуваат тогаш молчеа во изминатиот период и ниту во еден момент како составен дел на органите и телата на партијата не сугерираа на актуелното раководство или пак се однесуваа опортуно со различни ставови бидејќи имаме отворени прашања за коишто јазот на сопнување беше Бугарија, злоупотреба на средства на Фондот за иновации, големиот број на афери итн, еве денеска читам и за некои други поединци за одредени афери. Во ниту еден момент, никој од раководството не излезе со спротивни ставови. Секако дека сум подготвен, во секој момент да разговарам доколку некој од актуелното ново раководство смета дека треба да даде поддршка на ставовите коишто јас претходно ги имав, кои беа апсолутно различни од раководството“, потенцираше Димитриевски.

Димитриевски истакна дека за време на локалните избори, самиот тој јавно ги повикал сите политички субјекти да дадат поддршка на концептот „За наше Куманово“. Изрази жалење затоа што имало простор и за Социјалдемократскиот сојуз и за сите останати, но не се решиле на еден таков потег.

„Денеска има една друга реалност во Куманово, кадешто мнозинството се одржува со независните советници од концептот „За наше Куманово“ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатива, има дополнителна поддршка и од БЕСА, од Левица, а се разговара дополнително за обезбедување на уште поголема поддршка, бидејќи јас лично сметам дека сум и ќе бидам градоначалник на сите граѓани без разлика кој за кого има гласови или кој од кој политички субјект доаѓа, истото треба да се сведе и на ниво на советот за седниците на советот не се трансформираат во една политичка арена кадешто многу повеќе се зборува, а малку се прави за граѓаните. Времето ќе покаже колку овој граѓански концепт е исправен. Факт е дека доби огромна поддршка од граѓаните, над 25.500 гласови за Куманово како независен кандидат, независна советничка листа со освоени 8 мандати во Советот. И ние само ќе се обидеме во следниот период тој граѓански концепт да го зацрврстиме, бидејќи првенствено имаме обврска кон граѓаните, а не кон политичките партии“, додаде Димитриевски.