Светската здравствена организација (СЗО) ги повика земјите „да ги остават границите отворени“, иако многу држави ги откажаа летовите за земјите од Јужна Африка поради ширењето на омикрон, нов сој на корона вирусот.
СЗО во соопштението рече дека ги поддржува африканските земји и ги повика државите да не ги затвораат границите и да „изберат научен пристап“ заснован на „проценка на ризик“.
„Клучно е земјите кои се транспарентни во објавувањето на податоците да добијат поддршка, само така ќе се погрижиме да добиеме важни податоци навреме“, наведува СЗО.
Јужноафриканските власти изјавија дека откажувањето на летовите влијае на економијата и туризмот и може да одврати некои земји кои ќе го регистрираат вирусот омикрон на нивна територија, да не го објавуваат, стравувајќи од санкциите со кои сега се соочува Јужна Африка.