Сузи Трокслер отсекогаш сакала да биде мајка. Сега, на 50 години, нејзината желба конечно станала реалност. Таа го родила своето прво дете, девојчето Лили, на 29 септември во болницата Кон Меморијал во Северна Каролина.
„Беше надреално. Сето тоа ми се насобра кога се случи. Ние веќе не сме само маж и жена, ние сме мама и тато“, рече Трокслер во соопштението за печатот од болницата.
Трокслер и нејзиниот сопруг Тони (61) се венчале во 2008 година и постојано се обидувале да забременат по природен пат. Потоа, пред две години, Сузи го започнала процесот на ин витро оплодување, а подоцна одлучила да донира јајце клетки, пишува Fox News.
По неколку неуспешни обиди, пристигнала пандемијата на коронавирус и многу клиники за плодност биле привремено затворени. На почетокот на оваа година, на 1 февруари, таа била подложена на трансфер на последниот ембрион.
„А еве ја Лили. Тоа беше патување за цел живот“, додаде Трокслер.
Поради нејзината возраст, бременоста била ризична, но поминала без тешкотии.
Според Американскиот колеџ за акушери и гинеколози, „жените кои забремениле подоцна во животот имаат поголем ризик од компликации вклучувајќи прееклампсија и други здравствени проблеми“.
„Знаев дека еден ден ќе станам мајка. Не знаев како ќе се случи, природно, преку процесот на медицински потпомогнато оплодување или посвојување. Но знаев дека ќе станеме родители. Не сакавме да се откажеме. Имавме верба во тоа, сонувавме да имаме бебе“, додаде Трокслер.
„Медицински гледано, ова беше невозможно, но таа е тука“, заклучила пресреќната мајка.