Околу 100.000 Американци починале од употреба на дрога за една година, што е невиден биланс поврзан со пандемијата на Ковид 19 и залихите на поопасни наркотици, соопштија здравствените власти.
Бројот на смртни случаи од предозирање со наркотици се зголемува повеќе од две децении, додека во последните две години е забрзан, а според новите податоци објавени во средата, тој скокнал за речиси 30 проценти во последниот период.
Експертите сметаат дека главните причини се зголеменото количество на смртоносен фентанил во нелегалните резерви на лекови и пандемијата на Ковид, поради што многу зависници се изолирани и не можат соодветно да се лекуваат или да добијат друга поддршка.
„Додека продолжуваме да напредуваме во борбата против пандемијата Ковид 19, не можеме да ја игнорираме оваа епидемија на загуба што ги погоди семејствата и заедниците низ целата земја“, се вели во изјавата на американскиот претседател Џо Бајден.
„Бројката е катастрофална. Досега не сме виделе толкав степен на предозирање со дрога во оваа земја“, рече Кетрин Кис, експерт од Универзитетот Колумбија.