Легализирањето на канабисот може да и донесе на Германија годишни даночни приходи и заштеди до 4,7 милијарди евра и да отвори 27.000 нови работни места, покажа истражувањето, додека политичарите се обидуваат да ги договорат правилата за новиот сектор.
Веројатниот иден канцелар Олаф Шолц и неговата централно-левичарска Социјалдемократска партија на Германија (СПД) преговараат за тринасочна коалиција со Зелените, еколозите и Либерално-демократската партија (ФПД).
Преговарачите од СПД, Зелените и ФДП сè уште ги разработуваат деталите од коалицискиот договор, вклучително и правилата според кои продажбата и употребата на рекреативен канабис во најголемата европска економија ќе биде дозволена и регулирана, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Студијата на Институтот за конкуренција (DICE) на Универзитетот Хајнрих Хајне во Дизелдорф, нарачана од Германското здружение за канабис, покажа дека легализацијата на канабисот ќе доведе до дополнителни даночни приходи од 3,4 милијарди евра годишно.
Во исто време, тоа може да донесе заштеди од 1,3 милијарди евра годишно за полицијата и правосудниот систем и да отвори десетици илјади работни места во индустријата.
Легализирањето на канабисот во Германија ќе го поттикне растечкиот европски пазар, кој се очекува да генерира повеќе од три милијарди евра годишно до 2025 година, во споредба со околу 400 милиони евра оваа година, според европскиот извештај за канабис на аналитичката фирма Прохибиш Партнерс.
Употребата на канабис за медицински цели е легална во Германија од 2017 година.