Германија во вторник ја повика Европската унија да преземе мерки за да помогне во запирање на бранот мигранти на полската граница кои доаѓаат од Белорусија.
„Полска или Германија не можат сами да се справат со тоа“, изјави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер за Билд, повикувајќи ја ЕУ да заземе заеднички фронт.
„Мораме да и помогнеме на полската влада да ја обезбеди надворешната граница. Тоа треба да биде прашање на Европската комисија. Сега ја повикувам да преземе акција“, нагласи тој.
Тој го упати повикот откако Полска објави дека го одбила обидот на стотици мигранти илегално да ја преминат границата од Белорусија, но исто така посочи дека илјадници други се уште се собираат.
Хорст Зехофер рече дека ја поддржува одлуката на Полска да подигне ограда на границата со Белорусија.
„Не можеме да ја критикуваме… за одбрана на надворешните граници на ЕУ“, рече тој. „Не, се разбира, употреба на огнено оружје, но на други достапни начини“, додаде министерот.
Илјадници мигранти се собраа на белоруско-полската граница во обид да влезат во Европската унија. Брисел го обвинува режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко дека го организирал пристигнувањето на мигрантите на источните граници на ЕУ, откако ЕУ воведе санкции против Минск за брутална репресија на опозицијата. Лукашенко ги негира ваквите обвинувања.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави во понеделникот дека белоруските власти нема да ги исполнат своите цели со искористување на мигрантите за да извршат притисок врз Европската унија.
Фон дер Лајен рече дека разговарала со премиерите на Полска, Литванија и Летонија, Матеуш Моравјецки, Ингрид Шимоните и Кришјанис Кариш, за да ја изрази солидарноста на ЕУ. Таа разговараше со нив за мерките што ЕУ може да ги преземе за да им помогне да се справат со оваа криза.
Претседателот на Комисијата ги повика земјите-членки да ги прошират санкциите против белорускиот режим „поради овој хибриден напад“.
Таа најави дека Комисијата ќе разговара со специјализираните агенции на ОН за начините за спречување на хуманитарна криза и за обезбедување безбедно враќање на мигрантите во нивните земји на потекло.