Северна Кореја однапред не ја известила Јужна Кореја преку воспоставените комуникациски канали дека денеска ќе лансира балистичка ракета.
„Утрово, како и обично, беше обавен повикот преку канцеларијата за врски. Северна Кореја не спомена ништо поврзано со моменталната ситуација”, изјави јужнокорејското Министерство за обединување.
Пјонгјанг и Сеул секојдневно телефонираат преку канцеларијата за врски во девет наутро и пет попладне, а Северна Кореја лансираше балистичка ракета утрово во 10:17 часот.
Ракетата беше лансирана од градот Синпо во правец кон Јапонското Море, потсетува ТАСС.
Токио верува дека Пјонгјанг тестирал две балистички проектили, додека Сеул тврди дека се работи за балистичка ракета лансирана од подморница.
Денешното тестирање на ракетата е осмо што го направи Северна Кореја оваа година, а кон крајот на септември за првпат лансираше нова хиперсонична ракета во Јапонското Море.