Владите треба итно да воведат мораториум за продажба и употреба на системи за вештачка интелигенција (АИ) кои претставуваат закана за граѓанските и човековите права додека не се воспостават механизми да ги заштитат, предупреди Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права.
„Ризикот од дискриминација поврзана со одлуки засновани на употреба на вештачка интелигенција, која може да промени, дефинира или оштети човечки животи, е премногу реална“, рече високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачелет во извештајот објавен во средата.
Вештачката интелигенција обично вклучува апликации во кои адаптивниот софтвер анализира огромни количини податоци, извлекува заклучоци од нив и донесува одлуки.
Апликациите се користат во медицината и автономните возила, но и во евалуацијата на кандидатите за работа, откривање измама во системот на социјална заштита и предвидување на криминално однесување.
Канцеларијата на ОН предупредува дека личните податоци често се обработуваат од модели со предрасуди. Така, резултатите од пребарувањето на Google честопати се преполни со дискриминација врз жените и малцинствата.
„Треба да се преземат мерки за инкорпорирање на механизмите за заштита во користењето на вештачката интелигенција во корист на сите нас“, рече Бачелет.
Затоа, канцеларијата на ОН бара мораториум за продажба и употреба на системи за вештачка интелигенција кои „претставуваат сериозен ризик за човековите права додека не се воспостават соодветни гаранции“.
Европската комисија предложи прописи за употреба на вештачка интелигенција во април, врз основа на принципот „колку е поголема потенцијалната опасност, толку се построги прописите“ и овој пристап треба да се усвои во идните глобални стандарди, сугерираат ОН.