Кинеските државни медиуми денеска ја обвинија американската потпретседателка Камала Харис дека се обидува да воведе раздор меѓу Кина и нејзините соседи во Југоисточна Азија со нејзините коментари дека Пекинг користел принуда и заплашување за да го потврди својот суверенитет во Јужното Кинеско Море.
„Додека покажуваше со прст кон Кина и ја обвинуваше за принуда и заплашување, Харис намерно го игнорираше сопственото лицемерие, во обид да ги принуди и заплаши земјите од регионот да се приклучат на Вашингтон во планот за запирање на Кина“, пишува кинескиот весник „China Daily“, пренесува Ројтерс.
Се додава дека вчерашниот говор на американскиот потпретседател за време на нејзината посета на Сингапур бил неоснован напад врз Кина и дека според нив, единствената обврска на САД кон Југоисточна Азија се напорите да се постигне недоразбирање меѓу земјите од регионот и Кина.
За време на вчерашната официјална посета на Сингапур, Харис ги критикуваше властите во Пекинг за дејствијата на заплашување и притисок врз земјите околу Јужното Кинеско Море и потврди дека САД ќе ги поддржат своите сојузници во тој регион.
Харис требаше да пристигне во Ханој синоќа по Сингапур, но нејзиниот лет одеднаш беше откажан поради „чуден здравствен инцидент“, а во соопштението од нејзиниот кабинет стои дека по внимателна проценка, одлучено е посетата на потпретседателот да биде реализирана.
За време на одложувањето, виетнамскиот премиер Фам Мин Чин и кинескиот амбасадор во Ханој одржаа претходно ненајавен состанок, за време на кој Чин рече дека неговата земја не зазема страна во надворешната политика, а кинескиот амбасадор вети донација од 2 милиони вакцини против ковид-19.
Пекинг е најголемиот трговски партнер во Виетнам и оваа земја во своите производствени активности во голема мера се потпира на суровини и опрема од Кина.
Нивните владејачки комунистички партии одржуваат тесни врски, но земјите исто така се во долгогодишен спор околу побарувањата во Јужното Кинеско Море, познато како Источно Море во Виетнам.
Врските меѓу Ханој и Вашингтон станаа поблиски, четири децении по завршувањето на Виетнамската војна во 1975 година, а аналитичарите велат дека Виетнам сака да ги подигне своите дипломатски односи со САД на „стратешко партнерство“, но е загрижен дека таквиот потег би донел лутина во Пекинг.