Силен дожд и грмотевици го погодија Лондон и предизвикаа поплави во некои делови на главниот град на Велика Британија, поради што беа затворени осум подземни метро станици, а две болници побарале од пациентите да не ги користат нивните ургентни центри.
Болниците погодени од поплавите Випс Крос и Њухам во неделата на Твитер побараа од пациентите да одат во соседните болници, доколку е можно, сè додека не ги решат „оперативните проблеми“ предизвикани од поплавата.
Шокантно видео покажува дека станицата Падинг Мил Лејн е поплавена, пренесе Express.co.uk. Станица во источен Лондон под вода висока најмалку 30 сантиметри со силна струја.
https://youtu.be/4lHfYON4xRw
На другите снимки се гледаат автомобили и автобуси заглавени во поплавените улици додека возачите очајно се обидуваат да поминат низ водата.
Повеќе автомобили биле напуштени на патот како што се покачувало нивото на водата. На снимката се гледаат и пожарникари кои се обидуваат да минат низ водата до колената.
– Ова е најинтензивниот дожд што некогаш сум го доживеал во оваа земја – „твитна” жител на Лондон, објави Express.co.uk.
– Ова е лудо, некои улици се во вода до колена – додаде друг корисник на Твитер.
Противпожарните единици соопштија дека добиле околу 300 повици, главно од населени места каде се поплавени подруми.
Бројни патишта во главниот град се затворени, вклучително и тунелот Блеквол, патот А12 и делови од северната обиколница. Имаше голема гужва на другите правци во градот, а осум метро станици беа затворени.
Предупредување за можна бура и грмотевици е во сила за поголемиот дел од југоисточна Англија, а во некои области се предвидува дека ќе наврнат 75 до 100 милиметри дожд.
Локалните власти советуваа да не патуваат додека не помине невремето.