Општина Куманово заедно со уште 20 министерства од денеска е дел од Системот со управување со документи, кој има за цел да ги дигитализира секојдневните барања за услуги на граѓаните.
Денеска увид во функционалноста на системот извршија градоначалникот Максим Димитриевски и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.
– Истиот има за цел да ги дигитализира секојдневните работи во делот на комуникација со граѓаните и она што значи поднесувања на барања и друг тип документација се со единствена цел да се олесни и работата на вработените, да се има дополнителна база на податоци во самата општина и секако побрз одговор од граѓаните. Целта е Македонија и Општина Куманово како пилот проект да напредува во делот на она што значи секојдневна дигитализација и осовременување на секојдневните работни процеси во делот на локалните услуги кои што општината ги дава, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Според министерот Шаќири, Системот со управување со документи е систем кој има цел да се подобри работата во државните институции преку кој е можно да се обработат документи, а исто така да се извршат и процеси во државните институции кои треба да се реализираат целосно во електронска форма.
– Овој систем овозможува побрза и поефикасна меѓуинституционална комуникација, тоа ни дава можност целосно да ги дигитализираме архивите и сите процеси на работа на институцијата. Со поедноставни зборови како министер ќе имам можност и како институција да добиваме разни документи во електронска форма и да ги потпишеме исите во електронска форма. Како резултат заштедуваме време, обработка на документи, но исто така заштедуваме набавни трошоци за материјали. Во оваа форма ние исто така даваме значење на работењето од својот дом, сите сме сведоци како во овој несреќен период на пандемија бевме принудени да ги испраќаме нашите работници да работат во нивните домови, преку овој систем се овозможува работењето дома да биде поленсо и поефикасно, изјави министерот.
Во системот се вклучени 20 министерства, а Општина Куманово влегува како дел од пилот проектот.
Никола Ивановски