Уште на почетокот на 2020 година, американскиот претседател Доналд Трамп, најави дека во неговата последна година од четиригодишниот мандат ќе се обиде да ги поправи работите во оние делови од светот каде што со децении има конфликти и крварења. А, на сите всушност ни порача дека ќе ни претстои интересна година. Како што најави, така и направи. Годината беше и повеќе од интересна, а за многумина стана и историска.
Прво, уште во јануари најави текстонски промени на Блискиот Исток, прво понудувајќи го Мировниот договор за Блискиот Исток, за решавање на децениското отворено израелско-палестинско прашање, а до крајот на годината ги реализира историските договори на Израел со четири арапски земји, дополнувајќи дека нивниот пример ќе го следат и други соседи на еврејската држава. Потоа влезе во дотогаш незамисливата авантура на преговори со талибанците и на крајот на февруари со нив постигна и историски договор, што во превод значеше – американските војници полека да се повлекуваат од Авганистан, а за возврат талибанците да го положат оружјето и во преговори со авганистанските власти да се обидат да го вратат мирот во оваа со децении раскрвавена земја. И на двата фронта работите се движат во вистинскиот правец, што е секако заслуга на американската администрација. Во овој контекст треба и мора да се гледа и неговата значајна улога во постигнувањето на економскиот договор меѓу Белград и Приштина во Вашингтон.
Иако многу ја посакуваше, па дури и јавно кажа дека ја очекува, сепак, Трамп не ја доби Нобеловата награда за мир. Но, како утеха му остана фактот дека како прв светски лидер ги почна процесите на нормализирање на состојбите во двата екстремно запалливи региони на светската мапа. Секако, сето тоа секаде не одеше глатко: некаде имаше ветувања, некаде финансиска помош, некаде закана, некаде отпис или враќање на долг или услуга, а согласно познатата американска пракса во надворешната политика на „морков и стап“.
Израелско-арапски конфликт
На Блискиот Исток, оваа 2020 година во заминување, ќе остане запаметена по креирањето на новата реалност, инсталирање на политиката на детант меѓу Израел и поголемиот дел од арапските земји, освен Иран, секако. По цели 72 години од формирањето на државата Израел и по неколкуте израелско-арапски војни од изминатите децении, оваа 2020 година ќе остане се памти по четирите историски договори за нормализација на односите меѓу еврејската држава и неговите поблиски или подалечни соседи од Блискиот Исток- Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Судан и, од пред неколку дена, со Мароко. Историски, затоа што тие се првите чекори кон воспоставување на каков таков потраен мир на оваа невралгична точка, во која сите арапски земји, без исклучок, со децении, од формирањето на земјата во 1948 година, имаа непријателски однос и не ја признаваа еврејската држава… Со нив се крена „железната завеса“ меѓу Евреите и арапските земји и се отворија вратите за понтензивна економска и воена соработка, туризам, излегување од изолационизмот, поголем и сега здружен притисок врз Иран, зад што стојат САД….
Притоа мора да се признае дека потегот на Трамп до пред само една година беше речиси незамислив. Првиот дел од оваа идеја, иницијатива, пакет, се случи на 28 јануари во Белата куќа, кога Трамп, во присуство на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, го промовира Мировниот план за Блискиот Исток, со кој предложи прекројување на голем дел од границата меѓу Израел и Западниот Брег, со цел еврејските населби да и припаднат на еврејската држава, Палестинците да добијат поголема автономија, а за возврат тие да го признаат Израел.
-Денеска Израел презеде огромен чекор кон мирот, рече Трамп при објавувањето на планот.
Стоејќи со израелскиот премиер во Белата куќа тој кажа дека неговиот план е „можеби последната шанса за Палестинците“, додавајќи дека за планот писмено го известил палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Планот бил работен во тајност и е изготвен од неговиот зет, Џаред Кушнер.
– Тоа е историски план, додаде Нетанјаху, споредувајќи го со признавањето на државата Израел во 1948 година од тогашниот претседател Хари Труман.
Планот беше наречен и „Договор на векот“, затоа што неговата цел е завршување на еден од најдолгите конфликти во светот.
Но, Палестинците, разочарани и со чувство на предаденост, го отфрлија планот на Трамп, оценувајќи го за пристрасен. Фактот дека немаше палестински претставници заедно со Трамп во моментот на објавувањето, предизвика критики дека тој повеќе е прилагоден на потребите на Израел отколку на Палестинците. Токму од тие причини планот освен од палестинскоот раководство и народот, кој излезе на протести, наиде и на жесток отпор од Арапската лига, како и дел од светските сили, пред се Русија.
Нормализација на односите
Дванаесет месеци подоцна, само пред неколку дена, во пораката по повод Божик премиерот Нетанјаху веќе гордо зборуваше за договорите за нормализација на односите на еврејската држава со Обединети Арапски Емирати, Бахреин, Судан и Мароко, оценувајчќи ги како историски пресврт.
– По толку многу без мировен договор имаме четири нови договори за помалку од четири месеци и тоа е само почеток. Тоа е нова и револуционерна промена, што ќе го направи животот подобар, подобро место за сите народи на Блиски Исток. Ќе го направиме светот подобар, посочи Нетанјаху.
Израел потпиша договори за нормализација на односите со ОАЕ и Бахреин во Белата куќа во септември, додека со Судан во октомври. Додека Мароко на 22 декември беше домаќин на израелско-американска делегација при што беше потпишан договор.
Според израелските медиуми, во сите договори посредници се САД ( Џеред Кушнер), кои ги наградиле африканските и државите од Персискиот Залив за воспоставување на врските со Иразел.
Историска пресвртница
Во Белата куќа на 15 септември делегациите на високо ниво од Израел, од една страна, и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, од друга, потпишаа историски мировен договор, а посредник во договорот беа САД.
Договор за нормализирање на односите на Израел со ОАЕ и Бахреин израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече помирување на еврејската држава со двете арапски држави и „историска пресвртница што ќе помогне еднаш за секогаш да се стави крај на арапско-израелскиот конфликт“.
Веќе на 20 октомври беа потпишани договорите за авионски патувања, безвизни патувања, заштита на инвестиции и соработка во науката и технологијата.
ТВ-каналот „24“ истакна дека ОАЕ стануваат првата арапска земја во која израелските граѓани ќе патуваат без визи.
Американскиот државен секретар, Мајкл Помпео, тогаш изрази убеденост дека во блиска иднина и Саудиска Арабија може да постигне договор за нормализирање на односите со Израел, напиша „Волстрит журнал“. Помпео верува дека ваквите договори се остварливи меѓу двете земји.
Бахреин, пак, со договорот доби дополнителни гаранции од САД дека нема да има никави претензии кон неговата територија, пред се од државата со која имаат долгодишен спор Исламската Република Иран, зато што ја смета оваа мала заливска земја за своја историска територија врз која полага свои права
Судан веќе не е спонзор на тероризмот
Со потпишувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Картум и Тел Авив, Вашингтон експресно се согласи да го отстрани Судан од својата листа на државни спонзори на тероризмот.
– Уште најмалку пет арапски држави сакаат нормализирање на односите со Израел, изјави претседателот Трамп откако Судан, во октомври стана третата земја од регионот што се согласи да ги нормализира врските со еврејската држава. „Сега очекуваме и Саудијците да го сторат тоа“, рече тој.
Тој дури изрази надеж дека на крајот и Иран ќе се вклучи во процесот на нормализирање на односите со Израел.
-Мислам дека Иран може да биде учесник во процесот на нормализирање на односите со Израел, ако сакате да ја знаете вистината, им рече Трамп на новинарите на Белата куќа. „Би сакал да му помогнам на Иран, би сакал да го вратам Иран на вистинскиот пат“, додаде претседателот.
Нетанјаху го нарече договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Судан „огромен пресврт кон мирот“.
Израелската и суданската делегација наскоро ќе се состанат за да разговараат за соработка во многу области, вклучително и земјоделството и трговијата, додаде премиер на Израел, а Трамп кажа дека сега „ небото над Судан е отворено за директни летови од Израел кон Африка и Јужна Америка.
„Емирати Флај Дубаи“ веќе го имаа својот прв директен лет од ОАЕ за Израел, јави телевизијата „Ал Арабија“.
Како што беше претходно наведено во соопштението, авиокомпанијата ќе извршува 14 летови неделно на релација Дубаи-Тел Авив. Патувањето од ОАЕ до Израел ќе трае околу три часа.
„Абрахамски договори“
Американскиот државен секретар Мајк Помпео смета дека уште многу земји од регионот во иднина ќе се приклучат кон таканаречените „Абрахамски договори“ за нормализирање на односите меѓу арапските земји и еврејската држава.
-Ќе има многу пречки и очигледно не е можно точно да се предвиди кога ова ќе се случи, рече тој.
Мароко ја доби Западна Сахара
Од минатата недела и Мароко воспостави дипломатски односи со Израел приклучувајќи им се на Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Судан, кои пред два-три месеца ги нормализираа врските. Висока еврејска делегација, предводена од советникот за национална безбедност, Меир Бен Шабат, а придружувана и од Џеред Кушнер, творец на идејата за панарапско приближување кон Израел пристигна во Рабат од Тел Авив со првиот директен лет на „Ел Ал Израел ерлајнс“, што беше воведен на оваа дестинација по склучувањето на договорот за нормализирање на односите.
-Договорот постигнат со посредство на САД е клучен чекор кон воспоставување регионален мир и стабилност, рече кралот на Мароко, Мохамед Шести по разговорите со Бен Шабат и Кушнер.
Кралската палата го потврди својот став за поддршка за изнаоѓање на заедничко решение за израелско-палестинскиот конфликт и ги истакна нејзините блиски врски со мароканската еврејска заедница.
Мароканските и израелските власти потпишаа договори за поврзување на авијацијата и финансиските системи, управување со водите и укинување на визите за носителите на дипломатски пасоши.
Покрај тоа, потпишан е договор според кој американска Меѓународната финансиска корпорација за развој ќе понуди три милијарди долари за поддршка на приватните инвестиции во Мароко и субсахарска Африка во соработка со марокански компании.
Во случајот на Мароко, дел од договорот беше и американското признавање на владението на Мароко врз Западна Сахара. Договорот е поткрепен и со пакет за набавка на беспилотни летала, што Мароко ќе го чини милијарда долари.
Сашко Димевски