Општина Куманово традиционално и годинава им одаде признание на најдобрите пожарникар и полициски службеник во текот на 2020 година.
На предлог на своите колеги, за најдобар полициски службеник е прогласен Бујар Османи од полициска станица за безбедност на патишта и сообраќај при СВР Куманово, додека Далибор Колевски е најдобар пожарникар од Територијалната противпожарна единица.
Тие денеска заедно со своите претпоставени со градоначалникот го испија утринското кафе, кој во име на граѓаните, им подели и скромни подароци.
– Мене ми е чест да седам на иста маса со вас, затоа што во делот на вашите ангажмани професионални активности и врз база на мислење на вашите претпоставени сте предложени за таа престижна титула во градот и воедно сакам и во мое лично име и во име на граѓаните на општина Куманово да ви се заблагодарам за вашиот професионален однос и воедно да испратам порака до сите ваши колеги да ги следат вашите чекори и стапки и на вашите претпоставени воедно да им честитам за вашиот заеднички успех, изјави градоначалникот Димитриевски.
Димитриевски им се заблагодари за активностите кои ги преземаа заедно со Општинскиот штаб за заштита и спасување во однос на справување со коронавирусот и им посака нови успеси и плодна соработка и во иднина.
– Сите ние сме во функција на нашите граѓани и првенствено во нашите професионални обврски што ги извршуваме си имаат единствена цел да им ја олеснат работата и животот на нашите граѓани, а воедно да поставиме заеднички цели во иднина кои ќе можеме заедно да ги постигнеме во делот на уште попрофесионален однос и доусовршување на сите наши капацитети кои треба да се стават во функција на граѓаните, рече Димитриевски.
Првиот човек на Куманово, посака 2021 година да избрише се што се случуваше во тековната, а полицијата, пожарникарите и општината да ги засилат своите професионални капацитети и соработка за да градот стане проевропски ориентиран.
Полицискиот службеник Османи рече дека наградата ќе биде дополнителна мотивација професионално да ги извршува своите работни задачи.
– Благодарност до градоначалникот, советот на општината, до нашите старешини и колеги, голема чест и задоволство ми претставува да ја примам оваа награда за да и понатаму се трудам да ги извршувам своите работни задачи, навистина сум горд што може да допринесам за безбедноста на патниот сообраќај, а оваа признание сакам да биде и поттик за останатите колеги секогаш со максимална посветеност да одговорат на работните задачи, изјави Османи.
Колевски, кој е пожарникар спасител веќе седум години во Територијалната противпожарна единица Куманово, вели дека оваа признание е за сите негови колеги, а не индивидуална.
– Оваа награда за мене значи еден голем поттик на мојата успешна работа. Повеќе од седум години сум пожарникар спасител во Општина Куманово, потик за уште поголема и понапорна работа за помош на сите граѓани на Општина Куманово, птик за моите колеги да добијат награда, да бидат пожарникар на годината, благодарност до општината, моите претпоставени и колеги, оваа награда е за целиот тим. Не ја сфаќам лично за мене, туку за сите колеги. Што помалу работа во 2021 година, повеќе здравје, другото останува на граѓаните да се чуваат, што помалку опасност да ни прават, помалку работа да имаме и здравје и среќа на сите во 2021 година, изјави тој.
Инаку оваа традиционално наградување се одржува веќе 16-та година по ред и истото ќе продолжи за да им се одаде признание на оние кои се грижат за безбедноста на граѓаните на Куманово.
Никола Ивановски