Британскиот премиер Борис Џонсон првпат призна дека е „многу, многу веројатно“ оти Велика Британија ќе се раздели од ЕУ без договор, пишува Дојче Веле во прилог за тоа кој се и колку може да загуби во случај на Брегзит без трговски договор меѓу Лондон и Брисел.
Досега Џонсон секогаш зборуваше за моделот на „австралискиот договор“ со 27-члениот блок, бидејќи мислел дека Велика Британија нема да потпише трговски договор со ЕУ. Но тогаш поранешниот австралиски премиер Малколм Турнбул му ги поматил сметките.
– Внимавајте. Односите меѓу Австралија и ЕУ не се какви што Велика Британија би сакала да има со ЕУ од трговска гледна точка, истакна поранешниот австралиски премиер. Тоа значи дека целосната стокова размена мора да се врши согласно правилата на Светската трговска организација. А тоа не значи предност во сите сегменти.
Покрај трговските, договорот со ЕУ подразбира и други аспекти, „од полициска соработка, до прашања на енергетскиот пазар“. Се тоа ќе отпадне доколку нема договор. Што се, всушност, се менува од 1 јануари 2021 година?
Според сценариото на британската Влада, до 7.000 камиони би можеле да заглават на каналот пред Довер и другите британски пристаништа, со време на чекање од два дена. ЕУ сака да воведе целосна царинска контрола од 1 јануари 2021 година.
Тоа значи дека е потребна огромна бирократија за сите товарни камиони, кои претходно брзо минувале до траект: царински и даночни декларации, потврди за потекло, ветеринарни контроли. Само во Довер дневно се испраќаат околу 10.000 камиони. Огромен паркинг за камиони веќе е изграден во близина на пристаништето Кент. Лондон смета со дополнитени трошоци за британските компании во износ од околу 13 милијарди фунти.
Европската унија сака да го одржи воздушниот сообраќај во следните најмалку шест месеци со повеќе итни регулативи и да им овозможи на возачите на автобуси и камиони да ги користат своите досегашни лиценци. Туристите од Велика Британија се должни да стојат на аеродромите во ред за пасошка контрола, на која се подложени државјаните на земји кои не се членки на ЕУ. Тие, исто така, губат автоматско здравствено осигурување во ЕУ и потребна им е меѓународна картичка за осигурување и меѓународна возачка дозвола.
Од 1 јануари, поради „локдаунот“ од коронавирусот, времено веќе не им е дозволен влез во ЕУ. За домашните миленичиња им се потребни комплицирани здравствени потврди. Сопствениците на недвижности кои имаат викендици во јужниот дел на Европа, смеат да престојуваат во ЕУ само по 90 дена во рамки на шест месеци. Тоа веќе предизвика вознемиреност и обвинувања во британските медиуми.
Британската автомобилска индустрија особено стравува од Брегзит без договор. За неа е тоа можеби смртоносен удар. Производителот на автомобили „Нисан“ со погони во британскиот пристаништен град Сандерленд, веќе најави евентуално затворање на фабриката.
Поради долгото чекањево пристаништата, синџирите за набавки ќе се развлечат, а некаде дури и ќе се прекинат.
Фабриката на „Хонда“ во Свиндон поради тоа веќе го прекина производството. Покрај тоа, според правилата на Светската трговска организација, на моторните возила ќе се наплаќа царина од 10 отсто. Тоа би значело крај на конкурентноста и загуба од илјадници работни места, вклучувајќи ги и оние во снабдувачката индустрија, односно компаниите што снабдуваат делови за автомобили.
Британската фармацевтска индустрија мора да помине дополнителна постапка за одобрувања во Агенцијата за лекови на ЕУ (ЕМА), со цел да ги продава своите лекови во Унијата. Тоа чини многу време и пари.
На земјоделските производи се воведуваат нови царини на ЕУ: на млечните производи царините ќе бидат поголеми за околу 30 отсто, на говедското и јагнешкото месо 40 отсто и повеќе. Заедно со укинувањето на субвенциите од ЕУ, кои чинат речиси половина од нивните приходи, ова за илјадници земјоделци би можело да значи крај. Многумина од нив гласаа за Брегзит, бидејќи не можеа да замислат дека напуштањето на ЕУ би поминало без договор.
Убедливо најважното британско добро за извоз се финансиските услуги. Како и да е, тие не би биле дел од трговскиот договор, но само губењето на добра волја во ЕУ може да има негативен ефект. Таканаречениот „Паспортинг“, односно правото на работа во ЕУ, го загубија банките и осигурителните компании уште во јануари годинава. Во иднина, ќе им треба доказ за еквивалентноста на нивните регулативи од страна на ЕУ, што Брисел може да ги повлече во секое време.
Некои компании имаат основано свои претставништва во ЕУ за да можат да продолжат да работат. На Европската унија сè уште и требаат одредени финансиски услуги од Светскиот финансиски центар во Лондон, но Париз, Франкфурт и други имаат за цел постепено осамостојување. Иднината на „Сити оф Лондон“ е затоа неизвесна.
Адвокатите, архитектите или инженерите од Велика Британија можат да го загубат признавањето на своите дипломи и ќе им требаат скапи работни визи за ЕУ доколку сакаат да работат таму на определено време. Ова важи и за уметниците: британските оркестри исто така се загрижени за иднината на нивните турнеи низ ЕУ.
Една од стандардните реченици за последиците од Брегзит е: губитниците се на двете страни. А другата гласи: Велика Британија губи повеќе од ЕУ, бидејќи нејзиниот трговски обем со ЕУ изнесува речиси 50 проценти.
– Ние сме 27, а Британците се само една земја. Ние сме најбогатиот домашен пазар во светот со повеќе од 400 милиони потрошувачи, изјави Марија Демерцис од Истражувачкиот центар Бригел во Брисел.
Меѓутоа, и ЕУ ќе го почувствува Брегзит без договор: особено Холандија, Белгија и северна Франција, каде се наоѓаат снабдувачи на делови за британски компании или каде трговијата била особено интензивна. Судејќи според бројките, најголем губитник би била Германија, но компаниите во таа земја веќе се подготвени за Брегзит – Велика Британија како трговски партнер падна од трето на петто место.
Ирска е посебен случај. Економијата таму традиционално е тесно поврзана со Велика Британија. Затоа Даблин стравува од ризикот доколку не се постигне договор за Брегзит со ЕУ.
Габриела Точко