За многумина кратка хорор приказна. Петок 13ти во 2020та година, една според многумина најбаксузна година на човештвото со оглед на пандемијата на коронавирусот.
Без разлика дали сте суеверни или само ве интересираат митовите за петок 13-ти, порано или подоцна ќе сакате да знаете што всушност стои зад овој датум и зошто е толку контроверзен.
Ден за кој се верува дека многумина стравуваат бидејќи е несреќен и баксузен.
Стравот од 13-ти петок има дури и професионално име и се нарекува параскаведекаатријафобија или фригатерискаскаидекафобија.
Психолозите тврдат дека ова е една од најчестите човечки фобии.
Има повеќе верувања за потеклото на суеверието за петок 13:
Ева во рајот го измамила Адам со јаболкото токму во петок.
На тајната вечера присуствувале 13 луѓе — Исус и 12-те апостоли. И до ден денес кај многу народи сè уште постои суеверието дека 13 души не треба да седат на едно исто место односно на иста маса. Предавникот Јуда дошол последен на тајната вечера и прв си отишол. Други сметаат дека Исус Христос е распнат токму на денот петок.
Суеверието најверојатно има врска и со календарот, кој според астрономијата во минатото се сметало дека е потребно да постојат 13 месеци во некои години, додека Грегоријанскиот и исламскиот календар секогаш имаат по 12 месеци во годината.
Според некои, петок 13 се должи на еден древен скандинавски мит, според кој 12 богови празнувале во Валхала, домот на богот Один. Богот на злото и оганот Локи кој не бил поканет, наеднаш се појавил во домот на Один и го убил богот на радоста Балдер. Земјата веднаш потонала во мрак.
Во поново време многу повеќе се оддава важност на датумот 13 октомври 1307 година, кога по наредба на францускиот крал Филип IV и папа Климент V биле затворени Жак Де Молеј, Големиот мајстор на Орденот на темпларите и илјадници рицари од орденот.
Овие затвореници биле подложени на големи мачења, биле прогласени за еретици и секакви други прекршоци кои биле во спротивност со црквата во Рим. Така, многу од тие рицари биле изгорени на клада или екзекутирани. Од тој ден па натаму, петок 13-ти бил сметан за лош и несреќен ден.
Во древен Рим магионичарите се собирале во групи од по 12 луѓе. Се верувало дека тринаесеттиот во групата бил самиот ѓавол.
Според нумеролозите бројката 13 „страда“ поради неговата позиција после бројот 12. Така на пример постојат 12 месеци во годината, 12 хороскопски знаци, 12 богови на Олимп, 12 племиња на Израел, 12 апостоли на Исус. Во картите Тарот 13-та е картата на смртта.
На тој ден се случила библиската поплава.
Каин го убил Авел.
Бог на петок 13-ти ги измешал јазиците на Вавилонската кула.
Интересни факти
Стравот од бројот 13 е многу актуелен и во денешно време. Повеќе од 80% од високите згради немаат 13-ти спрат. Многу авиони го пропуштаат својот лет на 13-ти, посебно во петок.
Во Формула 1 на пример не постои болид со бројот 13. Улиците во Фиренца го испуштаат бројот 13.
На 13 април 1970 година експлозија на кислороден резервар ги променува плановите на Аполо 13 за лет кон Месечината. Часот на поаѓање на Аполо 13 е 13:13 според американско време.
Имињата на некои од најпознатите сериски убијци содржаат по 13 букви: Jack the Ripper, John Wayne Gacy, Charles Manson, Jeffrey Dahmer, Theodore (Ted) Bundy.
Суеверието за петок 13 или за „несреќниот“ број 13, го поттикнува и богатата филмска и издавачка продукција со многубројни дела токму на таа тема, меѓу кои се холивускиот филмски серијал Петок 13, мистериозната новела „Тринаестмина на вечера“ од Агата Кристи и драмата околу мисијата на всленскиот брод Аполо 13 за што е снимен и филм.