Од денеска почнува да работи порталот за интероперабилност помеѓу електронските апликации за следење на заразените со Ковид-19 во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
По прва успешна фаза на тестирање, Европската Комисија денеска соопшти дека системот за поврзување и размена на информации помеѓу мобилните апликации на земјите членки на ЕУ од денеска почнува да функционира. За сега на системот се конектирани германската, ирската и италијанската апликација.
Дваесет апликации се активни во земјите на ЕУ моментално, но не се интероперабилни, поради што Европската Комисија сметаше дека е потребно да се воведе систем со кој ќе можат корисниците на овие апликации да бидат информирани за потенцијално заразено лице и кога патуваат во друга земја на ЕУ.
Се очекува од другата недела да се приклучат и Чешка, Данска, Латвија и Шпанија, како и останатите во текот на идниот месец.
Европската Комисија гарантира дека личните податоци се анонимни и дека се сочувуваат само стриктно потребните информации, согласно европското законодавство.
-Апликациите за следење на коронавирусот ефикасно ги комплетираат другите мерки како зголеменото тестирање и рачното следење на контактите. Со повторниот пораст на нови случаи, тие можат да одиграат важна улога во прекинувањето на ланците на трансмисија, изјави еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес.
Тања Милевска, Брисел