Стан во аргентинскиот град Росарио, каде што иконата на левичарската револуција од 20 век, Ернесто Че Гевара, ги презеде првите чекори, е понудена на продажба.
Во 2002 година, сегашниот сопственик на станот, Франциско Фаруџа, купил 240 метри квадратни во зграда во неокласичен стил во центарот на Росарио. Сопственикот на станот изјавил дека сакал да отвори културен центар во станот, но тој досега не успеал да го реализира планот, сепак тој сè уште не ја објавил цената по која го продава.
Со години зградата ја посетувале туристи, но и познати личности, како што се поранешниот уругвајски претседател Хозе Пеп Мухика и децата на кубанскиот лидер Фидел Кастро.
Најпознатиот посетител на зградата бил веројатно Алберто Гранадо, кој патувал низ Јужна Америка со мотор во 1950-тите со тогашниот млад лекар Че Чевара.
Че е роден во 1928 година во богато семејство, но подоцна ги радикализира своите ставови, кога станал убеден во сеприсутната сиромаштија и глад низ Јужна Америка. Тој одигра клучна улога во кубанската револуција од 1953-1959 година, што го собори диктаторот Фулгенсио Батиста.
Од Куба, тој замина во Боливија, каде ги водеше бунтовниците во борбата против претседателот Рене Бариентос Ортун.
Со помош на американските власти, боливиската војска го зароби Че Гевара и неговите другари.
Тој бил убиен на 9 октомври 1967 година во селото Ла Игуери и бил погребан на тајна локација.
Неговите остатоци биле пронајдени во 1997 година, а потоа пренесени во Куба и повторно биле закопани таму.
Че Гевара и денес привлекува внимание и поделени мислења, исто како и за време на неговиот живот.