Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не споделува ентузијазам за говорот на шведската активистка за животна средина, Грета Туберг во Обединетите нации и ја осуди употребата на деца и тинејџери за да ги извршуваат интересите на другите луѓе.
„Можеби ве разочарам, но не сум воодушевен од говорот на Грета Тунберг“, рече Путин на Руската недела на енергија.
Путин рече дека е добро тинејџерите и младите луѓе да го насочат своето внимание кон проблемите на денешницата, вклучително и заштита на животната средина, пренесува ТАС.
„Сепак, кога се користат деца и тинејџери заради нечиј интерес, вреди да се осуди“, рече рускиот претседател.
Путин верува дека никој не ѝ објаснил на Грета Тунберг дека современиот свет е сложен и различен и дека луѓето во Африка и во многу азиски земји сакаат да живеат во богати земји како што е Шведска, пренесува Ројтерс.
„Сигурен сум дека Грета е многу љубезна и чесна девојка, но возрасните треба да сторат сé што можат за да ги задржат тинејџерите и децата од крајност“, рече Путин.