Телефонската линија во Центарот за управување со кризи вчера постојано била активна, бидејќи граѓани на Куманово од скоро сите делови на градот пријавувале дека по обилното невреме им биле поплавени домови, гаражи, дуќани, а на одредени места биле непроодни и патиштата.
Во продолжение дел од пријавите кои пристигнале во текот на вчерашниот ден:
- Во населбата Перо Чичо било поплавено дворно место.
- Улицата „Титова Митровачка“ во населбата Гоце Делчев била оневозможена за сообраќај поради свлечиште.
- Во населбата Бабин Дол бил поплавен подрум на семејна куќа.
- На улицата „Бајрам Шабани“ на две места шахтите биле подигнати од надојденото количество атмосферска каналзиација.
- На булеварот „Трета МУБ“ имало поголеми наноси камења, песок и смет.
- Булеварот „Октомвриска револуција“ поради невозможноста на атмосферската канализација да го апсорбира преголемото количество дожд бил поплавен и непрооден за сообраќај.
- На улицата „Никола Тесла“ биле поплавени неколку подруми.
- По три јавувања за поплавени подруми и голема материјална штета имало од жителите на улицата „Михајло Пупин“ од населбата Перо Чичо и од жители на населбата ВераКоторка.
- Подрум на цела зграда бил поплавен на местото викано „Пекара Ѓоше“.
- Подруми на две куќи на улицата „Доктор Рибар“ исто така биле поплавени.
- Претседателот на Месната заедница на село Брзак пријавил дека патот од Агино село до Брзак бил непрооден за моторни возила.
- На улицата „Ѓорче Петров“ во населбата Перо Чичо биле поплавени подрум и дневна соба.
- Прв кат од куќа лоцирана на улицата „АСНОМ“ исто така бил поплавен.
- Жител од улицата „Франц Розман“ се пожалил дека за две недели три пати му се поплавува гаражата и подрумот поради неисправна атмосферска канализација.
- Дуќан за текстил бил поплавен на улицата „Илинденска“ поради неисправна атмосферска канализација при што била нанесена поголема материјална штета.
- Соби на прв кат од куќа биле поплавени на улицата „Димче Јовчевски“.
- Дел од патот на улицата „Ѓорче Петров“ во населбата Перо Чичо бил оштетен во должина од 20 метри.
- На улицата „Б. Б. Гуцман“ бил поплавен подрум при што била направена поголема материјална штета.
Поради невремето голем дел од градот остана и без електрична енергија, како централно градско подрачје, селата Орашац, Доброшане, Скачковце, Војник, Клечовце, Драгоманце, Довезенце, Старо Нагоричане, Јачинце, Агино село, Романовце и Брзак. На терен интервенираа и екипите на ЕВН Македонија.
Општина Куманово ги повика граѓаните да ги пријават штетите во Центарот за управување со кризи на бројот 195, па се претпоставува дека бројот на регистрирани случаи ќе се зголемува и во текот на денешниот ден.
Надлежните од Центарот за управување со кризи сите јавувања ги проследувале до одговорните лица од Дирекцијата за заштита и спасување и раководителот на Регионалниот ЦУК.