Мерката самовработување е една од најатрактивните кај граѓаните на Куманово, како една од мерките со кои се стимулира развојот на претприемништвото и намалување на невработеноста преку Ангецијата за вработување на Република Македонија.
Околу 90 невработени лица од Куманово годинава ќе отворат сопствен бизнис токму преку оваа мерка, а дел од нив веќе ги регистрирале своите фирми, информираше Марија Димитриевска, раководител на Центар за вработување Куманово.
– Досега се регистрирани најголем дел од лицата, веќе ги регистрираа своите фирми преку Централен регистар, вработени се во своите фирми и сега е во тек процесот на набавка на основни средства или репроматеријали, зависно од тоа како тие се изјасниле при апликација за учество во оваа програма. Мерката самовработување предвидува на невработените лица кои сакаат да започнат свој бизнис им се дава грант во износ од 5.000 евра. Грантот не е директен грант туку во форма на набавка на опрема или ретроматеријали. Оваа година, како и минатата, имаше можност две невработени лица кои што имаат иста бизнис идеја да ги здружат своите идеи и средства, тука станува збор веќе за грант од 10.000 евра за набавка за опрема и ретрометеријали и во овој случај лицата го здружуваат својот бизнис и формираат Друштво со ограничена одговорност каде што и двете лица се јавуваат како основачи на фирмата, изјави Димитријевска.
Како што додаде раководителот на кумановскиот Центар за вработување доколку покрај основачите се вработи дополнително лице постојат и средства за негово вработување.
Годианва атрактивна мерка меѓу кумановци, според Димитријевска е и мерката практиканство.
– Невработените лица согласно нивното завршено образование можат да учествуваат во програмата за практиканство и да ги усовршат своите практични знаења од областа во која веќе го завршиле формалниот образовен процес во траење од три до шест месеци во конкретни услови кај конкретен работодавач, да се стекнат со практични знаења и искуства. Сите речиси, најголем дел од лицата што аплицираа и фирмите што се покажаа како заинтересирани и изразија интерес за учество во оваа програма се одлучуваат за период од шест месеци, затоа што сметаат дека тоа е оптимален период за кој едно невработено лице кое не поседува практично искуство може да стекне одредени практични вештини за тој период, додаде Марија Димитријевска, раководител на Центар за вработување во Куманово.
Практикантот добива бруто надоместок од 9.000 денари месечно, со што се плаќа персонален данок и придонес за професионално заболување.
Вкупно 225 договори се активни кон почетокот на месецов по однос на искористување на мерката практиканство, а 15 лица од оваа програма веќе се вработени.