79 години од атомското бомбардирање врз Нагасаки

Сподели со своите пријатели

Нагасаки, Јапонија, денеска ја одбележа 79-годишнината од американското атомско бомбардирање на градот во Втората светска војна, а градоначалникот Широ Сузуки на комеморацијата повика на укинување на нуклеарното оружје поради зголемената загриженост за нивна можна употреба.

Loading...

На овогодинешната комеморација, неколку амбасадори го откажаа своето учество откако градот во југозападна Јапонија одлучи да не ги покани претставниците на Израел на комеморацијата, објави Кјодо.

„Во услови на неизвесност околу тоа кога ќе заврши руската инвазија на Украина и зголемената загриженост за ширењето на вооружените конфликти на Блискиот Исток, во моментов се соочуваме со критична ситуација и зголемена веројатност за употреба на нуклеарно оружје – рече Сузуки.

Сузуки побара од јапонската влада да го потпише и ратификува Договорот на Обединетите нации за забрана на нуклеарно оружје и ја повика Јапонија да одржи разговори за намалување на тензиите и унапредување на разоружувањето во североисточна Азија.

Едноминутно молчење се одржа точно во 11:02 часот по локално време, кога американски бомбардер фрли плутониумска бомба која експлодира над Нагасаки на 9 август 1945 година.

Амбасадорот на САД во Јапонија Рам Емануел и британската амбасадорка во Јапонија Џулија Лонгботом не присуствуваа на комеморацијата откако Израел не беше поканет на собирот.

Не присуствуваа ниту канадскиот и францускиот амбасадор.

Во писмото до градоначалникот Сузуки, објавено во средата и испратено од претставници на ЕУ, Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија и САД, се изразува загриженост дека недостатокот на покана за Израел ќе резултира со ставање на Тел Авив на исто ниво со Русија и Белорусија.

Loading...

Русија и Белорусија три години по ред не беа поканети на церемониите во Хирошима или Нагасаки, поради инвазијата на Москва на Украина.

Сузуки на 31 јули и 8 август соопшти дека Израел нема да биде поканет поради стравувањата дека протестите против тековниот конфликт во Појасот Газа би можеле да влијаат на одбележувањето на годишнината, но рече дека одлуката „не е политичка“.

Палестина, во меѓувреме, беше поканета.

На комеморацијата во Хирошима беше дозволено претставување на Израел, но Палестина не беше поканета.

Одлуката на властите во Хирошима беше критикувана од палестинскиот претставник во Јапонија и граѓанските групи.

Нападот на Нагасаки се случи три дена откако САД фрлија ураниумска бомба врз Хирошима, на околу 300 километри североисточно.

Се проценува дека 74.000 луѓе биле убиени, а многу повеќе страдале од последиците од изгореници и болести поврзани со радијација долго по нападот.

Вкупниот број на официјални преживеани од двата нуклеарни напади изнесуваше 106.825 заклучно со март оваа година, што е за 6.824 помалку од претходната година, според јапонското Министерство за здравство, труд и благосостојба.

Loading...

Просечната возраст на оние кои ја преживеале нуклеарната експлозија надмина 85 години.