20 години од бомбардирањето на НАТО врз Србија

Сподели со своите пријатели

Во не така далечната 1999 година на денешен ден започна НАТО бомбардирањето врз тогашната Сојузна Република Југославија, по наредбата на генералниот секретар на Алијансата Хавиер Солана. Бомбардирањето заврши на 10 јуни 1999 година со усвојување на Резолуцијата 1244 за Косово на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Loading...

При бомбардирањето на НАТО вршени се напади врз воени цели, но и врз стопански и цивилни објекти. Во нападите што траеле 78 дена без прекин, тешко се оштетени бројни инфраструктурни објекти, стопански објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата, цркви и манастири. Бројот на цивилни жртви изнесува околу 500-1200 загинати. Економската штета е проценета на 30 милијарди долари.

Уште од времето на СФРЈ на Косово условите за живот биле најлоши во земјата. Косово останало неразвиено, со ниска стапка на образование и голема економска емиграција, пред сѐ во Западна Европа. Првите масовни изблици на незадоволство од состојбата на Косово се случиле со студентските демонстрации во Приштина од 1981.Со доаѓањето на Слободан Милошевиќ на власт најпрво во Србија, а подоцна и во СР Југославија, состојбата во Косово уште повеќе се влошила, како поради целосниот економски колапс, така и поради редуцирањето на правата на Албанците од страна на српскиот режим.

Во текот на 1998. и 1999., на Косово се појавила герилската Ослободителна Војска на Косово (ОВК) составена од етнички Албанци, која со мали поединечни акции се спротивставувала на српската полиција и војската на СРЈ. Тврдејќи дека герилците се закана за локалните Срби на Косово, како и за заштита на интегритетот на СРЈ, Милошевиќ презел поголеми воени и полициски операции против нив.

Novi Sad, 08jun99 – Nakon ponovljenog NATO napada na novosadsku rafineriju nafte nad gradom se neprestano vije gust dim. Snimio: Darko Dozet

Loading...

Тврдејќи дека на Косово се случува етничко чистење и хуманитарна катастрофа, државите членки на НАТО, во прв ред САД, бараа Советот за Безбедност на ОН да донесе одлука за воена интервенција против Југославија. Поради противењето на Кина и Русија таква резолуција не беше донесена, по што државите членки на НАТО пристапија кон самостојна воена интервенција.

Директен повод за интервенцијата според НАТО е одбивањето на Југославија да постигне договор со политичките претставници на косовските Албанци на преговорите во Рамбује. Според понудениот предлог-договор суверенитетот на СРЈ сериозно бил доведен во прашање: се барало влегување на трупите на НАТО во Косово и нивно слободно движење по целата територија на СРЈ, како и референдум по три години на Косово со цел утврдување на неговиот конечен статус. Многу аналитичари, вклучувајќи го и Ноам Чомски, сметаат дека овој договор имаше карактер на ултиматум и дека се сметало тоа дека југословенската делегација нема да сака да го потпише. Конечно, југослоевенската страна ги прифатила сите услови, освен оној за слободно движење на НАТО војниците по југословенска територија по што преговорите пропаднале.

На 9 јуни СРЈ и НАТО во Куманово потпишуваат договор за примирје со кој се стави крај на бомбардирањата. Според договорот на територијата на Косово треба да се разместат 45.000 војници предводени од НАТО и со мандат од Обединетите Нации. Во врска со тоа се постигнува согласност Советот за Безбедност на ОН да донесе соодветна резолуција. Врз основа на тоа, на 10 јуни е усвоена Резолуцијата 1244.

Leave a Reply