1,9 милијарди е буџетот на Општина Куманово за 2021 година

Сподели со своите пријатели

Буџетот на Општина Куманово за 2021 година, кој вчера го изгласаа советниците по долга расправа, ќе изнесува 1,9 милијарди денари, од кои основниот буџет е 692 милиони.

Loading...

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во дебатата со советниците од опозицијата рече дека овој буџет е реален, остварлив, нагласувајќи дека развојниот буџет ќе допре до сите граѓани во различни подрачја од градот.

– Со овој буџет и развојната програма сакаме да го трансформираме Куманово во едно поубаво место за живеење, а не сме далеку од таа цел, рече Димитриевски, кој во дебатата образложи неколку ставки.

Буџетот за 2021 година да напоменам дека е повисок во однос на 2020 година, истакна раководителката на секторот за финансии при Општина Куманово, Ирена Илиевска, додавајќи дека истиот е развоен.

– За разлика од 2020 година и претходните кога имавме развојна програма од 17 милиони денари, а останатите капитални средства беа за исплата на долгови кои ги имаше општината, морам да кажам дека општината моментално заклучно 2020 година нема долгови, нема ниту нереализирани започнати капитални проекти. Во однос на оние 17 милиони развојна програма од 2020 сега развојната програма е 115 милиони денари за сите проекти за кои предмалку дискутиравте, од улици, фекална и атмосферска канализација, водоводна мрежа, кружни токови и други капитални проекти, рече Илиевска пред советниците.

Освен капитални средства, со новиот буџет се предвидени и повеќе средства за јавните претпријатија „Чистота и зеленило“, „Куманово план“ и „Куманово гас“.

– Повеќе средства за експропријација, многу е поголема програма за уредување градежно земјиште за летно одржување, кое иако не е капитален трошок преку него се врши реконструкција на улици и за разлика од минатата година кога имаше девет милиони денари сега има 37 милони денари. Многу повеќе за бекатон улици тоа се се капитални проекти кои не се дел од развојна програма, но се составен дел од буџетот, лани 3 милиони за бекатон улици, а сега 12 милиони. Дополнително за улично осветлување од 9 милиони денари како резултат на заштеда од јавното приватно партнерство за јавно осветлување, појасни раководителката на Секторот.

Поголеми ќе бидат и програмите за култура и спорт, повеќе пари се предвидуваат и за нови игралишта во училиштата или на други локации. Од четири на 11 милиони денари се зголемува програмата за социјала.

Loading...

Од опозицијата пристигнаа обвинувања дека половина од буџетот ќе се потроши на плати и надоместоци на плати за општинската администрација, функционерите и државни службеници, што подоцна раководителката Илиевска го демантираше.

Никола Ивановски

Leave a Reply