1,9 милијарди денари e Буџетот на Општина Куманово за 2018 година

Сподели со своите пријатели

Вкупно една милијарда и 910 милиони денари ќе изнесува Буџетот на Општина Куманово за 2018 година, со одлуката која беше донесена денеска на четвртата седница на Советот.

Вкупно 908 милиони денари се сопствени приходи на општината, додека останатиот дел се блок дотации од ресорните министерства за образованието, културата и социјалната заштита, како и средства од централната власт.

Во овој Буџет настанува промена која би сакала да ја потенцирам, во програмата која претходно помина како точка за заштита на животна средина, средствата не се менуваат, туку за заштита на животната средина во износ од 1,6 милиони а се наменети како средства за препарати за прскање, пропаганда, материјали, медиумско покривање за заштита на животната средина, преминуваат од програма други комунални услуги во нова програма Р10 заштита на животна средина во Општина Куманово. Средствата се исти само се врши пренамена и се отвора друга програма во стаква други програми, рече Ирена Илиевска, раководител на Секторот за финансии при Општина Куманово.

 

Loading...

 

Висината на благајнички максимум која денеска исто така беше донесена, односно пари кои може да се најдат во благајната на Општина Куманово, како и во последните неколку години ќе биде 70.000 денари.

Претседателката на Советот, Атина Мургашанска буџетот го оцени како сеопфатен, детален и развоен.

Не го сметам за список за желби и нереална проекција туку можност за одговорно извршување на обврските на Општина Куманово во сите сфери на својата надлежност, сметам дека е сеопфатен, развоен и дека ќе нуди можности за квалитетно и одговорно носење на одлуки и нудење квалитетни, навремени и брзи услуги на нашите граѓани, рече Мургашанска.

 

 

Мургашанска изрази надеж дека во текот на 2018 година ќе се прават напори да се зголеми процентот на прилив на средства од централната власт преку данокот на додадена вредност.

Гласањето на овогодинешниот буџет помина без советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои и овој пат одлучија да ја бојкотираат работата на Советот, барајќи ослободување за нивните сопартијци обвинети за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија, односно за настаните од 27 април во Собранието.

Буџетот за 2017 година изнесуваше 1,87 милијарди денари.

фото: архива


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.